СТРУМИЦА ИЗГРАДИ СТАЦИОНАР ЗА БЕЗДОМНИ КУЧИЊА Тетово уште не им исплатило отштета на граѓаните иако има издаден правилник за бодување
Во меѓувреме бројот на пријавите за каснати расте не само во Тетово, туку во цела Македонија. Денеска во Битола и Прилеп кучиња скитници нападнале три лица кои пријавиле каснување од куче.
Вториот стационар за бездомни кучиња во Македонија по градот Скопје го изгради Струмица. Во Струмица денеска почна со работа ЈП „Лана“ кој ќе располага со вкупно 58 легла-боксови. Двајца ветеринарни лекари, тројца ветеринарни техничари, двајца заловувачи и тројца одгледувачи за почеток ќе третираат околу 500 бездомни кучиња, а за две години би требало да бидат третирани сите кучиња бездомници во општината.
Изградбата на Стационарот за бездомни кучиња чини 7 милиони денари кои се обезбедени од општинскиот буџет, а 4,5 милиони денари годишно ќе чини одржувањето односно функционирањето на овој центар.
Во меѓувреме, општина Тетово сè уште нема исплатено надоместок на штета од каснување од бездомни кучиња иако правилник за ова бил донесен уште минатиот октомври, а постои и можност општината да се спогодува со граѓаните.
Граѓаните дознале за правилникот дури во средината на јануари кога тој бил објавен на веб-страницата на општината. Барања, за кои општината вели дека уште ги разгледува би можеле да завршат со спогодба за отштета од 30 до 100 илјади денари, а за сумата одлучува петчлена комисија.
Во предвид ќе бидат земени материјалната, но и нематеријалната штета, на пример, претрпен страв, последици од каснувањето, возраста на човекот кој бил нападнат. Но, каснатите граѓани ќе трбеа да достават медицинска документација од здравствена установа, потврда од МВР, записник од Општински инспекторат, а ако има и фотографија како доказ или изјава од сведок, па дури и копија од фискалната сметка за трошоците направени во врска со настанот.
Во меѓувреме бројот на пријавите за каснати расте не само во Тетово, туку во цела Македонија. Денеска во Битола и Прилеп кучиња скитници нападнале три лица кои пријавиле каснување од куче.
Скопскиот стационар „Лајка“ за својата работа вели дека успешно се справува со проблемот во градот. Од 11 до 31 јануари 2023 година во стационарот биле направени вкупно 85 стерилизации и кастрации.
„Удел во успешното справување со овој проблем“, како што наведуваат, „имаат и граѓаните кои во огромен број се одзваа на повикот лично да донесат бездомно куче на хуман третман во прифатилиштето и за тоа сме им неизмерно благодарни“.
Повикот на „Лајка“ уште е во тек.