„СТРУЈНИОТ ШОК“ И КОМПАНИИТЕ Пат кон пропаста

Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес“ ДОО Виница. вели дека темата за цените на енергијата стана пресудна. Прашање е дали компаниите ќе опстанат.

150

Стопанската комора со цел да ја прикаже фактичката состојба во која се најдоа компаниите по високиот раст на цената на струјата и да покаже дека е неминовно државата да ги помогне во овој момент информира за поединечки искуства на компаниите.

Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес“ ДОО Виница вели дека цената на струјата сега стана пресудна дали една компанија ќе преживее. Тој вели дека во изминатиот период  успевале да инвестираат и во различни кризи, па дури и во пандемијата, но сега е потребно државата да помогне бидејќи ниту една компанија не може да го издржи високиот раст на цената на струјата.






– Сега веќе е друго. Надвор од сите можности со кои располага една компанија или кој било нејзин раководител, правиме напори за да се снаоѓаме кој како знае и умее. Цената на енергијата руши рекорди: за понеделник 29.8.2022 надминува 800 EUR/MWh, а за четвртиот квартал цената е преку 950 EUR/MWh и продолжува да расте. Ова се цени кои ниеден бизнис самостојно не може да ги апсорбира. И по цена на загуби нема да може бидејќи сумите се вртоглави, а патот кон пропаста е сѐ поизвесен. За илустрација, сетете се колку сте платиле лани истиот месец. Сега е тоа помножено 10 до 12 пати повеќе. И тоа не трае еден месец. Трае и ќе потрае доволно долго за да ја однесе компанијата во пропаст – вели Цветанов.

 

Тој додава дека отсекогаш бил поборник за слободна економија во висококонкурентна средина. Да има еднакви услови за работа и да победи оној кој ќе може подобро и побргу да се приспособи на пазарот. Секогаш сум заговарал и за тоа секој раководител на компанија да гледа што може да подобри кај себе; да унапреди без да обвинува или без да чека од државата или некој однадвор да му ги решава проблемите.

-Сега веќе е друго. Понекогаш не можам да препознаам колку промени се случија во последниве 6 месеци. Да градиш фирма, тимови, капацитети, брендови, пазари и да дојдеш до таква ситуација во која, и покрај сите вложени напори, едноставно повеќе не е до тебе. А многу напори се направени за да се штеди потрошувачката на секој чекор – вели Цветанов.

Тој додава дека секое  натамошното штедење значи целосно затворање на производствените погони.

– Не можеш повеќе сам. Ти треба поддршка. Не го зборувам ова само во име на работодавците, туку како компанија, а во компаниите заинтересирани страни се и работодавците и вработените и соработниците, а богами и државата. Загрозен е опстанокот на сите заедно – вели тој.

Цветанов бара владата да го слушне гласот на коморите и на компаниите.

– Приватниот сектор е оној кој креира додадена вредност, кој вработува и кој плаќа даноци и давачки. Насекаде во светот приватниот сектор е главниот двигател и обезбедува развој и напредок на државата. Најдете модел и помогнете му. Преку коморите континуирано сме реагирале до креаторите на економските политики за да се подобрат економските состојби во делот на конкурентноста, за да се намалат парафискалните давачки, за да се поедностават процедурите за градба, за да се поедностават процедурите за фотоволтаични централи, за да се сузбие сивата економија и слично – вели тој.

За компаниите, додава тој сега е само важно дали и по која цена ќе има електрична енергија за продолжување на производството и на економската активност.

– Ве молам, направете консензус, и власт и опозиција и јавност и стручна фела; направете напори и најдете модел да им помогнете на компаниите; направете напор за да заштедите потрошувачка на енергија на други места, а да обезбедите домашна енергија за компаниите и да донесете уредба да им ја продадете таа енергија на компаниите по производствена цена преку државната „ЕСМ снабдување“, ако не целосно, барем до некоја количина, пример до 200-300 MWh месечно по компанија. Со ова ќе има можност да се спасат компаниите во кои засегнати страни се и работодавците и вработените и соработниците, а богами и државата – вели Цветанов.

Тој додава дека сега на  компаниите им е неопходна помош.

– Помогнете им и пробајте да ги заштитите од патот кон пропаста, како што го прават тоа сите политички лидери во соседството и во Европа. И, да, тоа е вашата задача за сега, за веднаш, за денеска – не за утре или за задутре, бидејќи компаниите се веќе на пат кон пропаста – вели Цветанов.

 

 

 

Поврзани содржини