СТРУЈАТА ЈА „ИЗГОРЕ“ БИБЛИОТЕКАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ Ќе чекаат ребаланс за да си ги платат сметките
Се преговара со ЕВН за добивање поповолна цена. Очекуваме до крајот на годината да го подмириме долгот со средства од ребалансот на буџетот. Се надеваме дека и Владата ќе има разбирање и ќе ја препознае важноста на нашата дејност која покрај библиотечна, е и културна и образовна – велат од библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје.
Покачувањето на цените на електричната енергија и енергетската криза не ја одмина ни нашата установа. Библиотеката, иако редовно ги подмирува режиските трошоци и се придржува до мерките за штедење, сепак покачувањето на цените на електрична енергија доведе до тоа сметките за струја да бидат поголеми од месечните средства за режиски трошоци, кои се утврдени во буџетот за 2022 година, одговори библиотеката „Браќа Миладиновци“ – Скопје на прашање од Плусинфо дали се точни информациите дека библиотеката има проблем со плаќањето на сметките на струја.
Според нашите информации, Библиотеката има неколку заостанати сметки за електрична енергија во висина од околу 1,5 милиони денари. Поради тоа добавувачот ЕВН Хоме веќе исклучил едно броило во овој објект. Доколку не се платат сметките, на Библиотеката ѝ се заканува целосен мрак.
Од библиотеката објаснуваат дека сметките се за само три месеци.
„Имено за месец август, кога поголемиот дел од вработените беа на одмор, немаше настани, ниту пак студенти во читалните, ЕВН ѝ фактурираше на Библиотеката 736.864 денари. За септември фактурата беше 449.924, а за октомври, месец кога библиотеката работи со полн капаците, со полни читални и редовна културна програма со неколку настани неделно, сметката е 210.460 денари. Потенцирам дека се работи за долг кон ЕВН за само 3 месеци во износ од 1.394.505 денари, а веќе сме исклучени во Библиотеката „Јане Сандански“ во Аеродром.
Преку спроведување јавни набавки направивме напори за да добиеме поповолна цена од онаа што ни е наложена од ЕВН. Поточно во периодот од 01.08.2022 год. откако сме префрлени на ЕВН како краен корисник до сега, спроведени се две поедноставени постапки за јавна набавка за електрична енергија, на кои не се пријави ниту еден економски оператор. Потоа спроведовме постапка за преговарање без објавување оглас, каде исто така не се пријави ниту еден економски оператор. Во меѓувреме се работи на преговарање со ЕВН за добивање на поповолна цена. Очекуваме до крајот на годината да го подмириме долгот со средства од ребалансот на буџетот. Се надеваме дека и Владата ќе има разбирање и ќе ја препознае важноста на нашата дејност која покрај библиотечна, е и културна и образовна и дека токму поради тоа ќе бидеме вклучени во потрошувачи на кои не може да им се прекине испораката на електрична енергија, според член 44 од Правилникот за спроведување на електрична енергија донесен од Регулаторната комисија за енергетика“ – се вели во одговорот.
ЈУ Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е установа од јавен интерес, која се состои од 4 централни библиотеки и 13 подружници во сите општини во градот, односно вкупно 17 објекти и една подвижна библиотека и цели 77 години работи во функција на граѓаните. Централната библиотека располага со 3 читални кои работат 24/7, па покрај библиотечната и културната дејност, установата придонесува и во образовниот процес на студентите.