📽️ 📷 СТРОГ РЕЖИМ ВО МАВРОВО И НА ПОПОВА ШАПКА Кружен сообраќај и казни за несовесни возачи

Полицијата апелира до возачите да ги почитуваат правилата, да не паркираат на коловоз и да не тргнуваат кон планинските центри без соодветна зимска опрема, во спротивно следуваат казни и отстранување на возилата.

0

Сообраќајниот метеж и блокадите што со години се повторуваат во зимските туристички центри Маврово и Попова Шапка, годинава треба да се спречат со засилени полициски мерки и поинаков режим на движење. Од СВР Тетово информираат дека и оваа сезона се применува кружен тек на сообраќај, со цел да се избегнат застои и целосно блокирање на патиштата.

Сепак, најголем проблем и понатаму се несовесните возачи кои не ги почитуваат правилата, како и возилата паркирани покрај коловозот. Токму таквото паркирање, велат од полицијата, го оневозможува чистењето на снегот и на одредени делници кон Маврово и целосно го укинува двонасочниот сообраќај.






Пред почетокот на зимската сезона, СВР Тетово одржала повеќе средби со сопственици и менаџери на хотели и угостителски објекти во Маврово и на Попова Шапка. На нив им било укажано да преземат мерки за безбедноста на гостите, но и да обезбедат доволен број паркинг места за посетителите, за да се избегне хаосот на патиштата.

Од полицијата потсетуваат дека во минатите години честопати биле принудени дополнително да ангажираат полициски службеници од други подрачја, кои рачно го регулирале сообраќајот и ги расчистувале блокадите. За да не се повтори тоа сценарио, граѓаните се повикуваат строго да ги почитуваат сообраќајните правила, да не паркираат на коловоз и да не тргнуваат кон планинските центри без задолжителна зимска опрема.

Во случај возилата да го попречуваат сообраќајот, ќе бидат ангажирани и пајак-службите од Тетово и Гостивар, а прекршителите ќе бидат санкционирани согласно законот.

Од СВР Тетово порачуваат дека само со одговорно однесување може да се обезбеди безбедно и непречено движење за сите посетители на зимските туристички центри.

Поврзани содржини