СТРАЗБУР НЕ ПРАВИ КОМПРОМИС СО ПРАВДАТА Следува процес за спорните основи за притворите во Македонија

Во новиот случај, отворен по барање на Сашо Мијалков, кој оспорува притвор од 2018-19 година, Европскиот суд отвора две клучни прашања: значењето на аболицијата на Иванов и службените белешки на АНБ како основ за арбитрарни одлуки за притвори.

1,159

Без владеење на правото и без почитување на основните човекови права не постои функционална демократија, а Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) повторно ќе ја стави Македонија на тапет, отворајќи уште една постапка за начинот на кој што судиите ги водат кривичните прогони и ги изрекуваат притворите.

Судот на официјалната страница објави дека отвора нов случај, по барање на поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање Сашо Мијалков, кој смета дека притворот кој му бил изречен кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 година бил незаконски, неоправдан и арбитрарен, со што се нарушени повеќе аспекти од членот 5 на Конвенцијата.






ЕСЧП нагласува дека станува збор за случај кој може да има пошироко влијание и веројатно судот ќе обрне големо внимание околу начинот на кој што беа изрекувани, па повлекувани и менувани решенијата за притвор.

Судот во Стразбур ѝ остава простор на власта да даде предлог за спогодба со засегнатата страна за да се одбегне натамошниот процес и трошоците и последиците кои би произегле од него.

„Службените белешки“ за Европскиот суд се сомнителна основа за притвор

Од прашањата поставени до македонските власти се гледа дека Европскиот суд има дилеми околу начинот на кој што се изрекува притвор, односно „оперативните информации“ содржани во службените белешки на тогашната УБК. Конкретно, ЕСЧП очекува одговор од властите дали оштетениот бил информиран за содржината на оперативните сознанија на УБК и дали имал можност да ги оспори.

За Стразбур е проблематично тоа што притворот се темели на службена белешка на УБК и затоа очекува образложение дали ваквата пракса се коси со членовите на Конвенцијата за човековите права. Со оглед на тоа што праксата македонските судии да изрекуваат притвор само врз основа на службена белешка продолжи и во други случаи во овие две години, јасно е дека постапката на Стразбур ќе има пошироко влијание и ќе фрли светло врз работењето на некои судии и начинот на кој што делат правда.

ЕСЧП упатува на согледување и на други слични случаи од досегашната пракса, како Мерабишвили против Грузија, но и постари случаи од судската пракса во земјава.

Стразбур повторно ја актуелизира аболицијата на Иванов

Вториот сет на суштински прашања упатени до власта се однесува на аболицијата дадена од страна на претседателот Ѓорге Иванов во април 2016 година. Европскиот суд го интересира дали одлуката за аболиција можела или не можела да се отповика. Судот прашува дали постоела таква уставна можност и дали е таа во согласност со принципите за владеење на правото и правната сигурност. ЕСЧП се интересира дали одлуките на претседателот за амнестија биле индивидуални и дали биле согласно со закон. Конечно, во прашањата упатени до власта, Стразбур прашува дали предметите за кои е изречен притвор биле опфатени со амнестијата на Иванов.

Ова се практично исти или слични прашања упатени до власта после тужбата во Стразбур во која се спореше дека еднаш дадена аболиција, не може подоцна да се повлече. Тогашните аргументи на власта беа дека прашањата на Стразбур биле нерелевантни, бидејќи веќе еднаш имало одговор во однос на ништовноста на одлуките за помилување.

После отворањето на новиот предмет, станува очигледно дека токму тоа прашање Стразбур не го гледа како нерелевантно. Напротив, практично е неверојатно да се претпостави дека ЕСЧП не ги прочитал претходните одговори на власта. Поверојатно е дека Стразбур не се согласува со тој став, или, во најмала рака, го игнорира и сака да ги расчисти сите дилеми околу аболицијата.

Работата на судиите под лупа

Во моментов Сашо Мијалков повторно се наоѓа во притвор, кој сега е изречен, како што стои во решението, врз база на некаква „непотврдена информација од личен извор“, која наводно стигнала до Јавниот обвинител дека Мијалков планирал бегство.

Овој пат судот и органите на прогонот не се ни потрудија да обезбедат макар и сомнителна белешка од АНБ за некакво бегство, а никој не знае каква е содржината на таа „непотврдена информација“ кој е тој „личен извор“ на обвинителката и кој е неговиот мотив.

Постоењето на план за бегство беше и формално-правно отфрлено со истрага на обвинителството, кога Мијалков ден и половина беше недостапен. Имено, на почетокот на јуни Јавното обвинителство ја затвори истрагата за наводно бегство, заклучувајќи дека нема никакви елементи или докази за тоа дело. Во рамки на истрагата, ЈО тогаш испита 40-тина лица и одзеде десетици телефони за да ја провери комуникацијата, по што донесе одлука за запирање на постапката за бегство.

Тоа беше аргумент за одбраната на Мијалков да побара ослободување од притвор или поблаги мерки на обезбедување, но судот ги игнорираше барањата и понудените гаранции кои се неколкукратно поголеми од материјалната штета која му се става на товар.

Со отворањето на оваа постапка Стразбур дополнително ја става под лупа работата на судиите кои и понатаму носат одлуки во врска со притворите и ги отфрлаат сите барања за поблаги мерки.

Поврзани содржини