СТРАВОТ ОД КОРОНА ПРОРАБОТЕ Дури 8.030 граѓани вчера примиле прва доза вакцина
Во земјава вкупно се аплицирани 982.645 дози вакцини, а ревакцинирани се 439.048 граѓани, соопшти Министерството за здравство.
Дури 8.030 граѓани вчера се вакцинирале со прва доза, соопшти Министерството за здравство, додавајќи дека расте интересот за вакцинација откако нагло скокнаа бројките на заразени со коронавирусот.
„Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 543.597 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8.030 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.679 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 982.645 дози вакцини, а ревакцинирани се 439.048 граѓани“, соопшти Министерството.
Како за споредба, во саботата прва доза вакцина примиле 4.990 граѓани, а вкупно се вакцинирале 13.137 граѓани.
Со последните бројки 66% од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 63% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 59% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 48% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина. Граѓаните се вакцинираат без закажан термин во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смтрен исход од истата“, порачуваат здравствените власти.