📽 СТРАВ ОД РЕКОРДНИ ПОПЛАВИ ВО АЛЈАСКА ЕДЕН ДЕН ПРЕД СРЕДБАТА ТРАМП-ПУТИН Прогласена вонредна состојба, стотици жители евакуирани
Со денови, локалните власти ги предупредуваат жителите дека можеби ќе мора да се евакуираат. Во вторникот, тие потврдија дека водата почнала да се излева од мразниот браник и дека се очекуваат поплави во наредните денови.
Жители на Алјаска ги евакуираат своите домови бидејќи стопена вода се излева од базен заграден од глечерот Менденхол, што предизвикува стравувања од рекордни поплави во главниот град на американската сојузна држава, Џуно, објави Би-Би-Си.
Канцеларијата на Националната метеоролошка служба во Џуно издаде предупредување за поплави бидејќи глечерската вода, што се излева, се влева во реката Менденхол, загрозувајќи ги домовите во областа.
Со денови, локалните власти ги предупредуваат жителите дека можеби ќе мора да се евакуираат. Во вторникот, тие потврдија дека водата почнала да се излева од мразниот браник и дека се очекуваат поплави во наредните денови.
Глечерот, популарна туристичка атракција, се наоѓа на 19 километри од Џуно.
Според националната метеоролошка служба, нивото на водата достигнало 9,85 стапки (3 метри) во вторникот – под нивото за големи поплави, кое започнува на 14 стапки – но до средата наутро било над 16 стапки, што се смета за врв на поплавата.
– Ова ќе биде нов рекорд, врз основа на сите информации со кои располагаме – изјави метеорологот Никол Ферин на прес-конференција во вторникот.
Зошто се излеваат глечерските езера?
Веб-страницата на градот Џуно објаснува дека излевањето на глечерските езера настанува кога езеро од стопен снег, мраз и дожд нагло се излева. Процесот го споредуваат со вадење чеп од наполнета када, кога топената вода ќе достигне одредено ниво, таа може да го прелее глечерот што претходно ја задржувал.
Гувернерот на Алјаска, Мајк Данливи, во неделата прогласи вонредна состојба поради „непосредна закана од катастрофална поплава од излевање на глечерско езеро“ во областа на Џуно.
Стотици домови биле оштетени лани
Поплавите се годишна грижа во регионот од 2011 година, при што домови биле оштетени и однесени од надојдените води. Минатата година биле оштетени стотици домови.
Планинските глечери се повлекуваат ширум светот поради порастот на температурите.
Дополнителната топена вода може да се собере и да формира глечерски езера. Научниците забележале раст на бројот и големината на овие езера на глобално ниво од 1990 година наваму.
Природните брани од мраз и камења што ги задржуваат езерата можат одеднаш и непредвидливо да попуштат, предизвикувајќи поплави.
Бројот на вакви поплави ќе расте во иднина
Истражувачите очекуваат климатските промени да го зголемат бројот на вакви поплави во иднина, иако минатите трендови и причините за поединечни поплави се сложени.
Инаку, претседателот на САД, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат в петок во американската воена база во Енкориџ, Алјаска, а целта е да се најдат начини за завршување на војната во Украина.