Страв лозје чува, или – кога паниката умее да биде корисна

Ова е време кога сите, секој на свој начин, треба да придонесеме за општото добро. Никогаш, чинам, не било појасно дека индивидуалниот придонес за општото добро е личен, дури и себичен интерес на секој од нас. Во тоа име, апелирам во јавниот дискурс да бидат дозволени и импровизации и егзалтации поголеми од вообичаеното. Само да не се претерува. Да не дозволиме паниката да предизвика хаос и анархија.

6,478

Во последната изјава на техничкиот премиер Оливер Спасовски, многу ми се допадна една куса полуреченица – да не се шири поголема паника. На прв поглед, би можело да се каже дека Спасовски направил логичка грешка. Значи ли тоа дека треба да се шири мала паника поради коронавирусот во Македонија? Дали техничкиот премиер има проблем со вордингот? Не знам… Но јас тврдам дека ова е одлично кажано.

Луѓето во целиот свет се во паника. Сите сме во паника. И јас сум во паника. Пожелно е да се соочиме со тој факт и паниката да ја одржиме во прифатливи рамки, за таа да не предизвикува нерационално поведение. Во овој случај, стравот сепак е сојузник на здравствените власти, тој ги мотивира и ги дисциплинира луѓето да ги слушаат наредбите и препораките за безбедно однесување во овие тешки услови на глобална пандемија.






Баш како во народната – страв лозје чува…

Со должно внимание и отвореност здравствените власти треба да ги третираат сите иницијативи, предлози и идеи кои доаѓаат од разни страни, почнувајќи од политичките партии, па се до индивидуални лица, без оглед што најголем дел од нив се лаици. Да не заборавиме дека епидемиологијата е наука по себе и дека дури и медицинските лица кои не се специјалисти од оваа област се повеќе или помалку лаици за сложените прашања што ги натемнува пандемијата од коронавирусот, за кој медицината засега нема ни лек ни вакцина.

Ми пречи и нервозата со која владејачкиот СДСМ ги осудува изјавите на официјални лица на ВМРО-ДПМНЕ за коронавирусот. Ми пречат тоа непотребно препукување и надменоста со која СДСМ ѝ порачува на опозицијата дека таа имала свој претставник во кризните тела и во Владата и дека само таму требало да дава предлози. А не да печалела политички поени. Од каде сега ова? За печалење политички поени е надлежен само министерот Венко Филипче?

Дајте ве молам, бидете малку посериозни. И покрај јасно изразената волја на двајцата политички лидери Зоран Заев и Христијан Мицкоски изборите да се одржат без оглед и наспроти ширењето на заразата, белким на сите ни е јасно дека трката на 12 април е речиси пропадната. Заразата во Македонија неизбежно ќе се шири и ќе кулминира во наредните денови и недели. Ни кампања ќе се види, ни избори ќе се видат – и тоа не зависи ниту од Заев и од Мицкоски, ниту од претседателот Стево Пендаровски, ниту од Државната изборна комисија, која веќе предупреди дека околу оваа работа треба да се размисли. За тоа мериторно решава коронавирусот.

Бесмислено е некој во вакви услови да се надева на печалење политички поени на сметка на нашата заедничка несреќа. Справувањето со пандемијата е врвен приоритет не само на партиите, туку на сите субјекти и на секој граѓанин во оваа земја. Та не забележувате ли дека вака затворени во нашите домови, на ништо друго и не мислиме, освен на опасноста што демне и на тоа како да се заштитиме и да го преживееме ова зло?

Затоа, јас сакам да слушам информации, искуства, мислења и идеи од сите страни. Знам дека и вие сакате, оти гледам што гледате, слушате и читате. Вчера го видов видеото на оперскиот пејач Благој Нацоски, кој се наоѓа во Италија. Тој не е епидемиолог, но јас до сега подобронамерни, посугестивни и помотивирачки совети од неговите навистина немам слушнато. Дали е во право човекот? Не знам. Веројатно. Но тој е таму, во епицентарот на заразата. Тој за мене е незаменлив, искуствен извор на информации.

Ова е време кога сите, секој на свој начин, треба да придонесеме за општото добро. Некој може да придонесе со споделување на своето искуство (како Нацоски), некој со своето знаење и со својата информираност (како многу паметни луѓе, чии статии и коментари ги читам деновиве), некој со ширење корисни и правовремени информации, а некој – како компаниите „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“, кои на јавното здравство му понудија респиратори и хотелски капацитети за формирање центар за изолација – со чувство на социјална одговорност тогаш кога е најпотребно.

Никогаш, чинам, не било појасно дека индивидуалниот придонес за општото добро е личен, дури и себичен интерес на секој од нас. Во тоа име, апелирам во јавниот дискурс да бидат дозволени и импровизации и егзалтации поголеми од вообичаеното. Ситуацијата е вонредна и не треба да им се лутиме на луѓето кога размислуваат за вонредни мерки, за прогласување вонредна или кризна состојба, за затворање на границите, за замрзнување на цените во продавниците, за воспоставување режим на движење и слично. Многу земји веќе воведуваат такви драстични мерки и нормално е и кај нас да се размислува за тоа.

Само да не се претерува. Да не дозволиме паниката да предизвика хаос и анархија. Ни треба и спокојство, ред и поредок. Ни треба свесна дисциплина, но и дисциплина наметната со прохибиции и со казни. Ни треба власт што ќе носи одлучни, храбри и итни одлуки. Коронавирусот не признава колебање и неодлучност.

Поврзани содржини