Стратешко партнерство со Британија е позитивно за Македонија
Пресмешни се критиките дека земаме заем, а Велика Британија ќе профитира од каматите или дека изворот на парите не бил сигурен. Знаете ли што се 6 милијарди за Велика Британија? Лондон неповратно троши секоја година по 20 милијарди само за одржување на непрофитабилната Северна Ирска.
За да го разбереме стратешкото партнерство со Велика Британија прво треба да разбереме што прави Лондон во овој нов геополитички контекст, во овој глобален земјотрес на меѓународната политика и светскиот поредок. Бидејќи да бидеме реални, кога со Лондон, Даунинг Стрит и Вестминстер една минијатурна Македонија потпишува стратешко партнерство, тоа сигурно не е по наша иницијатива и идеја, туку по волја на поголемата сила, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.
Оттука, важно е да разбереме за почеток што навистина прави ВБ, за евентуално да разбереме што правиме ние. Некои ќе речат: „Па веќе имаме стратешко партнерство со светската сила број 1, Америка, па што сега ќе се величаме или потресуваме околу партнерство со далеку помалата и не толку значајна Британија?“
Тие што така размислуваат очигледно не ги следат, а уште помалку ги разбираат тектонските промени во глобалната политика, фактот дека старата Америка, хегемонот и светскиот полицаец се повлекува од светот, од мултилатерализмот и од гарантирањето на глобалниот поредок, и дека е дојдено времето на трансакциски и билатерални договори, каде секоја земја сама ќе си го бара местото под сонцето. Тоа важи за Лондон, колку што важи и за небитното Скопје. Или просто кажано, ако Лондон решил и посакал да има стратешко партнерство со Скопје, ние треба само да се поклониме и заблагодариме, секако, да извадиме максимум од тој однос за нас самите, но и да бидеме пресреќни дека една поранешна империја, земја која сѐ уште има крал или кралица и која предводи глобален Комонвелт, колку и денеска да е сила од среден ранг, сепак се сетила на нас и не нѐ множи со нула. Не заборавајте кои сме, колкави сме, какви сме и каде сме.
Лондон во нешто помалку од две недели беше првата земја која потпиша трговски договор со САД, за веднаш потоа да ги „рестартира“ односите со ЕУ. Далеку од некаков „homecoming“ внатре во ЕУ, Британија сепак одново се приближува до Унијата, воспоставувајќи подлабоко и поблиско партнерство на важните теми како што се одбраната, разузнавањето, технолошкиот развој и трговијата. Со тоа, Лондон во иднина ќе ја игра улогата на мост помеѓу САД и Европа, односно, поголемата блискост помеѓу двата брега на Ламанш создаваат услови за поблиски односи помеѓу двете страни на Атлантикот. Да се има стратешко партнерство со таква земја за Македонија ќе донесе бенефит и во односите со САД и во процесот на приближување кон ЕУ.
Лондон не е веќе дрзок и нерационален
Суштински, Лондон помеѓу САД и ЕУ си го бара своето место под сонцето, па дури и се наметнува како врзно ткиво помеѓу двете реалности. Свесна за новите глобални состојби, решава да исправи некои свои (гео)политички и стратешки грешки, работи на сопствената глобална проекција и мека моќ во еден дестабилизиран, завојуван и поделен свет, и паметно гледа да го пополни секој вакуум за остварување на сопствените интереси. Тоа кажува дека 9 години после Брегзитот, Лондон, воден од актуелните социјалдемократи, не е веќе дрзок и нерационален, туку прагматичен и утилитарен, како што впрочем и историски им доликува на Британците.
Лондон, како што знае дека ресетот со Брисел нема да ги врати во ЕУ, или дека договорот со Трамп нема да ги врати специјалните односи од претходно, подеднакво разбира дека оние земји како Македонија, кои нема во блиска иднина да станат дел од Унијата, особено во услови кога Америка се повлекува од светот, се одлична можност за нивен продор и промовирање на мека моќ и влијание. На крај, што ги чини, го имаат престижот, додека парите што ќе ги позајмат или knowhow-то што ќе го дадат, се пресмешни за нивните капацитети. Тука пресмешни се и критиките дека земаме заем, а ВБ ќе профитира од каматите или дека изворот на парите не бил сигурен. Знаете ли што се 6 милијарди за ВБ? Лондон неповратно троши секоја година по 20 милијарди само за одржување на непрофитабилната Северна Ирска. Сѐ уште може да си дозволи таков луксуз. ВБ, и покрај ресетот со ЕУ и можноста утре повторно да зема тендери и заеми од ЕУ во висина од 150 милијарди евра преку програмата Safe, се претпоставува дека ќе оствари раст од само 0,2% на БДП. Така што смешни се тврдењата дека Лондон ќе испрофитира од нас, што значи дека нивните позајмици и влијание имаат навистина некоја подлабока и постратешка цел, која секако е позитивна за нас.
Нашиот „ич или брич“ момент
Што се однесува пак до нашето задолжување, и тука немам намера да навлегувам во неков економско-финансиски дискурс, но дали некој навистина замислува дека Македонија може некако поинаку да се развива, и велам развива, а не само да си го краде буџетот на субвенции, пензии и градежништво, освен ако сериозно не се задолжува? Времето на виртуозна економија и трошење е минато, или ќе правиме масовни јавни инвестиции, програми и реформи или ќе нѐ изеде приватно-политичката-олигархиска спрега, која само нѐ држи во перманентен неразвој и експлоатација.
Македонија преку стратешкото партнерство со ВБ политички, економски и инвестициски го компензира своето нечленство и неучество во големите пари на ЕУ. Море немаме, дијаспора како Албанија немаме, немаме ни сличен криминал или прилив на средства. Ние мораме да компензираме и да ризикуваме во сосема други насоки, па потоа е до политичкиот, општествениот и секаков капацитет дали нешто ќе направиме со овие компензации. Да, ризикот е голем, доколку повеќето пари се сведат само на повеќе крадење и никаква реализација за народот, општеството, бизнисот и младите, тогаш само побрзо и појасно ќе пропаднеме како држава. Но, ние системски веќе сме на тој пат, па тогаш, зошто и да не го забрзаме нашиот „ич или брич“ момент. Помеѓу досегашното бавно пропаѓање и евентуалната пропаст која носи поголеми политички, финансиски и развојни можности, но во исто време и ризици, јас сум за последното. Односно, јас сум за сѐ што ќе ја размрда оваа депресивна, статус-кво и бесперспективна состојба во која се наоѓаме и која нашите граѓани ја живеат.
Ние мораме да почнеме позитивно да ризикуваме и да се развиваме, или во најмала рака да се обидеме во тој правец. Е сега, единствената критика со која се согласувам е дали власта, бизнисот и општеството ќе знаат да одговорат на таквиот ризик, предизвик и на оваа развојна инјекција. Дали нешто реално ќе реализираме? Ви текнува на онаа проценка дека приватизацијата и раскрчмувањето на јавниот и државен имот и добра имаа некоја вредност од преку 30 милијарди евра денешни пари? Тоа значи дека ние сме и тоа како способни секоја сума, секое богатство или капитал да ги сместиме во приватни џебови, заедно со идните профити или државни приходи.
Само оваа тематика, колку реално можеме инвестициски, капитално и материјално да изреализираме нешто од големите средства и заеми кои ги повлекуваме, заслужува расправа и дебата, и во тој процес не треба да бараме само отчетност, туку и системски реформи, развојна динамичност и креирање на сеопшт оптимизам. Џабе е сѐ ако новите инвестиции не создадат реални придобивки, реални трансформации во политиката и општеството, реални вишок вредност и раст, повеќе и подобар бизнис, поголеми примања и социјална заштита, подобри услуги, вистинска правна заштита, нови можности за раст, развој и напредок и поголема благосостојба за сите граѓани. Тука треба да притискаме и да бараме повеќе и подобро. Во спротивно, џабе е секоја критика и солење памет, зашто ниту можеме да го спречиме тоа што властите го наумиле, ниту пак имаме некакви сериозни алтернативи.
Што е со бегалците?
Кој спие на увото и папагалски повторува дека треба слепо да се кладиме на влезот во ЕУ, односно, на остварување на некои нереални билатерални барања и услови, кои нема да произведат реален продор сами по себе, или е идеолошки заслепен, политички злонамерен или не го разбира реалниот процес и став помеѓу самите членки на Унијата кои немаат никакво расположение за проширување.
Конечно, што се однесува до непознаницата поврзана со мигрантите – да, тоа сѐ уште е еден лизгав и недефиниран терен. Но, токму затоа што никој не знае доволно, иритантно е да гледаме како опозицијата најголем дел од критиката ја насочува на тоа прашање. Многу е интересно да се следи наративот на опозицијата и нивните апологети овие денови во врска со „бегалците кои ќе ни ги прати Велика Британија“. Од Венко не се очекува да памети, но тука се нивните стратези и аналитичари кои забораваат дека во 2018 година ВМРО-ДПМНЕ им лиферуваше лажни вести дека ќе се гради камп за мигранти и бегалци во Карпош (Бардовци). Една недела ова беше тема број 1, а напаѓани беа градоначалници и министри од СДСМ. Седум години подоцна, камп за бегалци нема во Бардовци, но има еден ист, очаен наратив, само овојпат од прогресивното и европско СДСМ, која е патем дел (сѐ уште) од Партијата на европски социјалисти (ПЕС).