Стратешкиот проект Митилинеос ќе ја банкротира Македонија
Ако овој предлог Закон се изгласа во Собранието, тогаш Македонија сериозно ќе ја намали својата енергетска независност, ќе постане заложник на стратешкиот инвеститор и финансиски ќе банкротира.
Владата на Македонија со досега невидена упорност, во скратена постапка, преку повлекување и повторно предлагање на 4-те закони за стратешки инвеститори во парламентарна процедура, во услови на функционирање на техничка влада и закажан датум за претседателски и парламентарни избори, инсистира на изгласувањето на овие закони по секоја цена, во најкраток можен период. Во последните неколку недели во јавноста се појавија 2 сосема спротивставени мислења:
1. Владините претставници тврдат дека проектот Митилинеос ќе ја зголеми енергетската сувереност на Македонија, ќе ја намали зависноста од увоз на електрична енергија, на секое евро вложено од државата проектот ќе и донесе на Македонија приход од 2,5 до 3 евра, ќе ја намали загаденоста на воздухот во Скопје, ќе овозможи замена на производството од РЕК Битола, итн. Овие ставови се манипулативни и лажни, масовно се критикувани од обичниот граѓанин и од редица експерти, а не добија ниту една поддршка од независни експерти или институции.
2. Неколку реномирани универзитетски професори и Здружението на инженери на Македонија укажуваат дека стратешкиот проект Митилинеос е заправо добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија што ќе му овозможи на стратешкиот инвеститор профит од над 1,2 милијарда евра во наредните 30 години. Професорите и Здружението укажуваат дека Владата му ги обезбедува на Митилинеос следните помошти и придобивки:
(1) Директна финансиска поддршка од 49,3 милиони евра,
(2) Плаќање на давачките за емисии на јаглерод за период од 30 години од над 700 милиони евра,
(3) Изградба на Индустриска зона „ЕНЕРГИЈА СКОПЈЕ“ што ќе чини најмалку 20 милиони евра,
(4) Митилинеос се ослободува од плаќање даноци, давачки, такси, според Договорот за гаранција, и се ослободува од дополнителни финансиски обврски коишто во иднина би се јавиле со измена на законодавството во државата,
(5) Владата се обврзува на Митилинеос за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени што во просек се речиси 17% повисоки од берзанските, како и вкупно произведена топлинска енергија, со што вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра,
(6) Во 30-те години колку што е предвидено да трае Договорот актуелната Влада се откажува од околу 1,2 милијарди евра профит, којшто ќе заврши како профит на Митилинеос.
(7) Изградбата на гасната електрана Митилинеос од 144,7 MW реално ќе чини помалку од 150 милиони евра. По добивањето на директната државна помош од 49,3 милиони евра Митилинеос без никаков проблем ќе земе заем од околу 100 милиони евра и ќе ја изгради електраната без да вложи ниту едно свое евро.
(8) Преку разни форми во период од 30 години Митилинеос ќе добие подршка од Владата од над 1 милијарда евра, односно најмалку 10 пати повеќе од средствата што Митилинеос ќе ги земе како заем (околу 100 милиони евра).
(9) Владата се јавува како гарант на обезбедувањето на финансирањето на Митилинеос од страна на заемодавачите.
(10) Владата му дава на Митилинеос неповратна финансиска помош, не добивајќи за возврат ништо, му гарантира приходи и профит, под закана на големи пенали во случај на неисполнување на своите обврски.
Погоре изнесените факти се толку алармантни и шокантни што се чини дека и најголемиот непријател на Македонија не би предложил толку штетен Закон, по чие изгласување во Собранието, ќе следи потпишување на редица договори помеѓу Владата и Митилинеос коишто ќе бидат неколкукратно поштетни од Договорот со ОКТА. Авторите на предлог Законот многу внимавале да се заштити стратешкиот инвеститор Митилинеос од сите можни ризици и да му се обезбеди однапред загарантиран огромен профит од над 1,2 милијарди евра во период од 30 години.
Ако овој предлог Закон се изгласа во Собранието, тогаш Македонија сериозно ќе ја намали својата енергетска независност, ќе постане заложник на стратешкиот инвеститор и финансиски ќе банкротира.
Голем дел од македонските интелектуалци, за жал, останаа неми на алармантниве факти за проектот Митилинеос, веројатно не верувајќи дека е можно тие факти да се вистинити и толку многу штетни и очекувајќи некој друг да го спречи ова зло. Но, се чини дека се наивни сите оние кои бараат владините претставници и пратениците на СДСМ да се откажат од реализацијата на проектот Митилинеос затоа што тоа е всушност врвот на епидемијата од корупција во владеачките структури, на која укажа и американската амбасада во Скопје пред неколку месеци. Да се бара од нив да се откажат од овој проект е исто како да се бара од Дракула да не биде вампир или папата да не биде католик.
Проектот Митилинеос докажува дека парите се единствен господ за сегашното и претходното раководство на СДСМ и дека тие се спремни за пари да продадат било кој интерес на Македонија. За жал, времето ќе покаже дека ако се реализира проектот Митилинеос, тогаш во следните 30 години Македонија ќе биде под енергетско ропство на газдите на Митилинеос, кои со својата финансиска моќ и влијание ќе бидат клучен фактор во општествено-економскиот живот на Македонија, помоќни од било која нејзина Влада.
(Авторот проф. д-р Атанаско Тунески е член на извршниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија)