Страшевски до Судскиот совет: Барем еднаш во вашиот мандат да донесете независна одлука

Тој потсетува на предлогот на 75 адвокати привремено да се прекинат сите постапки во судовите.

332

Адвокатот Јовица Страшевски повторно се обрати до Судскиот совет со апел да се запрат судските рочишта за време на ширење на коронавирусот и спроведувањето на владините мерки за заштита и спречување на неговото ширење.

„Овој мој апел е замолница да надвладее разумот бидејќи се работи за здравјето на сите нас и не би сакал да биде сфатен на никаков друг начин а најмалку како начин за мешање на работата на Судовите“ пишува Страшевски.






Тој вели дека Судскиот совет донел одлука за сопственото работење во актуелните услови, но не сака да одлучи да ги затвори судовите со што ги изложува на опасност по здравјето адвокатите судиите, обвинителите, обвинетите но и вработените во судот, медиумите, невладиниот сектор, затворската полиција,судската полиција.

„Апелирам барем еднаш во вашиот мандат да донесете одлука, а притоа да не чекате став од Министерството за правда“, пишува Страшевски.

Тој потсетува на предлогот на 75 адвокати привремено да се прекинат сите постапки во судовите, освен рочишта каде по барање на надлежен обвинител треба да се одлучи за определување на мерка притвор, како и за оние случаи каде е утврдена кривична одговорност поради повреда на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот.

Адвокатите бараат по завршување на секое рочиште да се врши соодветна дезинфекција на салите каде ќе се одвива судско рочиште, да се дезинфицираат лифтовите и сите простории во кои ќе се движат странки, вклучително рачките на вратите и други површини кои често се изложени на допир на повеќе лица, како и да се мери температура на сите лица кои влегуваат во судот од службениот и сите неслужбени влезови, а Министерството за правда или судовите за секое лице кое ќе влези во судот да обезбедат заштитна маска и нараквици.

Поврзани содржини