СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ ВЛЕГУВААТ ВО ПРОВЕРКА Почна втората анализа на спорните кардиохируршки случаи
Тројца странски лекари од Италија и Словенија ќе дадат независна оценка дали имало пропусти во кардиолошките и кардиохируршките процедури.
Интерната и странската експертска комисија што ја ангажираше Министерството за здравство денеска одржаа онлајн состанок за проверка на спорните кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше странските експерти за досегашниот тек на постапката, начинот на собирање и средување на медицинската документација, како и за целта на двостепената стручна проверка.
– Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независна стручна оценка дали имало евентуални пропусти во процедурите во случаите што ги посочи интерната комисија, како и да помогнат да се откријат можни системски слабости – наведува Алиу во писмената изјава.
Тој додава дека доколку анализата покаже потреба, ќе се пристапи и кон измени во законската регулатива.
На состанокот била договорена методологијата според која ќе работат странските експерти во рамки на втората фаза од анализата.
Странската експертска група ја сочинуваат тројца лекари: кардиохирургот д-р Уголино Ливи од Италија, кардиоваскуларниот хирург д-р Никола Лакиќ и интервентниот кардиолог д-р Черчек Миха од Словенија.
Од Министерството велат дека нивниот ангажман треба да обезбеди дополнителна независна експертиза и примена на меѓународни стандарди при оценката на случаите – меѓу кои има и пациенти кои биле оперирани, но и случаи на упатувања за операција што сега се предмет на проверка.