Странци ќе напасуваат добиток на македонските пасишта и за 10 евра по хектар

Странците ќе можат да користат пасиште само доколку нивните фирми имаат дејност која е претежно земјодлеска или пак пасиштето им треба за научно-истражувачка активност. Ќе можат да градат само објекти неопходни за извршување на дејноста.

879

И странски лица и компании ќе можат да закупат пасиште со површина од 10 и повеќе хектари во земјава. Странците доколку на јавното наддавање немаат конкурент ќе можат да закупат пасиште и по најниска цена од 10 евра по хектар. Ова го предвидува предлог-законот за пасишта што е поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР), а го подготви ЈП за пасишта и Министерството за земјоделство. Јавната расправа за законот е закажана за 2 јули.

Странските правни субјекти ќе треба да регистрираат подружница во земјава за да можат да земат под закуп 10 хектари пасиште, да се занимаваат со производство или да вршат научно-истражувачка дејност и да се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства.






Доколку сакаат да земат пасиште од три хектари и странските и домашните правни лица ќе треба да регистрираат вршители на земјоделска дејност или треба да се регистрирани како трговец поединец на кој земјоделското производство или преработката му се приоритетна дејност. Странците, како и домашните фирми, ќе можат да земат под закуп и пасиште кои има поголема површина од 10 хектари.

Пасиштата се даваат под закуп преку јавен оглас кој предвидува организирање на јавно наддавање. Државата ја утврдува почетната цена во постапка по јавен оглас за давање под закуп на пасиште.

– За површина до 10 хектари, просечната цена е во висина од 2,5% од просечна нето-плата исплатена за претходната година, но не е помала од 10 евра. Почетната цена по хектар во постапка по јавен оглас за површини над 10 хектари е во висина од 5% од просечна нето-плата исплатена за претходната година но не помалку од 20 евра – стои во Предлог-законот за пасишта.

Изборот на најповолен понудувач во постапката по јавен оглас за давање на пасиште во државна сопственост над 10 хектари, се врши врз основа на највисоко понудена годишна закупнина по хектар постигната по пат на јавно наддавање. Пасиштето ќе се даде под закуп и ако има еден понудувач кој ја наддал почетната цена кој може да биде и 10 евра за хектар.

За потребите на јавните научни и државно образовни институции од областа на земјоделството и за училишта за средно образование основани од општината и од градот Скопје од областа на земјоделството, како и за потребите на казнено-поправни и воспитно-поправни установи за вршење на производна дејност од страна на осудени лица, директорот може пасиштата во државна сопственост да ги дава во закуп со непосредна спогодба по претходна согласност од Владата.

За оваа намена пасиштата се даваат под закуп за период најмногу до 20 години без надоместок за закупнина.

Пасиштата во државна сопственост може да се дадат под закуп со непосредна спогодба од страна на министерот, по претходна согласност од Владата во случај кога на пасиштето има поставено објекти изградени согласно со овој закон, а закупецот по кој било правен основ располага со објектите, или пак сопственост врз истите стекнал друг по кој било друг правен основ. Непосредната спогодба од ставот 3 на овој член се склучува со новиот сопственик на објектот изграден согласно со овој закон под исти услови од договорот склучен со претходниот закупец за преостанатиот период од основниот договор.

На јавен оглас за земање под закуп на пасиште можат да конкурираат само оние поединци и фирми кои ги имаат намирено сите обврски кон државата, да не бидат банкрот и да немааат важечки закуп на пасиште за пасиште со површина над 10 хектари.

Според законодавецот, на пасиштата во државна сопственост што се предмет на закуп можат да се градат само објекти кои ќе бидат во функција на намената за која е дадено пасиштето и за кои ќе се издаде одобрение за изградба согласно со овој закон.

Средствата од закупнината на пасиштата во државна сопственост се уплатуваат на посебна сметка на ЈП Пасишта, 30% од средствата прибирани по основ закупнина се приход и се реализираат преку програмата за инвентаризација.

Сите пасишта кои не се опфатени со договор за закуп по пат на јавен оглас или јавен повик се предмет на колективно напасување.

– Колективното напасување може да спроведуваат сите земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, а кои имаат пријавено капацитети за сточарско производство или производство на примарни земјоделски производи од анимално потекло – се вели во законот.

Земјоделските стопанства кои спроведуваат колективно напасување плаќаат колективна пашарина во висина од 0,3% од просечна нето-плата исплатена за минатата година во земјата по грло ситен добиток, живина и пчелни семејства и 1% од просечна нето-плата исплатена претходната година по грло крупен добиток. Пашарината се уплатува најдоцна до 15 март во тековната година.

Фирмите и поединците можат да извршуваат индивидуално напасување само на пасиште за кое имаат закуп. Исклучок од тоа е само ако пасиштето е во приватна сопственост за што треба да се поднесе докази.

– Пасиштата за колективно напасување може да се дадат во закуп за: за напасување на ситни и крупни преживни животни до 10 години, за напасување на коњи и други копитарии до 10 години, за спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години, како и за преработка на примарни сточарски производи, продажен простор за производите добиени од земјоделската дејност, за сместување, исхрана, едукација, рекреација и продажба на производи за потребите на домаќинствата на лицата  ангажирани во производството на примарни и преработени сточарски производи, собирни центри за млеко, печурки и лековити растенија до 30 години – се вели во Предлог-законот за пасишта.

Законот предвидува и формирање на стручна комисија која ќе го определува бонитетот на пасиштата. Таа е постојано тело во кое членуваат по најмалку двајца експерти од областа на систематика на растенија, физиологијата на растенијата и исхрана на домашни животни.

Јавното претпријатие на пасишта, според предлог-законот за пасишта, води регистар на пасиштата во државна сопственост. Во него се содржани податоци за географската височина, големина и кондиција на пасиштата во однос на бонитетот на пасиштата, како и податоци за статусот со инвентаризацијата на пасиштата.

– Сите пасишта за кои е спроведена постапка на инвентаризација, а за кои нема склучено договор за закуп, ЈП пасишта задолжително ги предлага до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за објавување на Јавен оглас. Минималната висина на надоместокот за договорот за закупнина на пасиштето ги определува Владата еднаш во годината на предлог на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство – стои во Предлог-законот за пасишта.

Надзор над спроведувањето на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот инспекторат за земјоделство, додека контролата на градбите е во надлежност на градежните инспектори на општините и на општините во градот Скопје.

Поврзани содржини