СТОПАНСТВОТО НЕМА ДА ЈА ИЗДРЖИ ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА Стопанската комора бара владата да ги спроведе нејзините предлози за излез од кризата
Обезбедувањето поефтина електрична енергија за компаниите, овозможува спас за економијата и државата, сметаат од Стопанската комора..
Стопанската комора бара Владата да ги спроведе заклучоците презентирани во јули годинава во кои бара да се зголеми домашното производство на електрична енергија и да се искористат сите можни ресурси.
Прашањето на реализација на барањата, според комората, е уште поактуелно бидејќи состојбата во производните компании станува подраматична со добивањето на последните сметки за струја и новиот раст на цената на струјата на берзите.
-Комората смета дека фокусирањето на ова прашање мора да има апсолутен приоритет бидејќи се погласни се предупредувањата од компаниите дека без државна поддршка тие немаат друга алтернатива освен да го редуцираат производството, бројот на вработените и економската активност, да не зборуваме дека инвестициските активности ќе станат мисловна именка – велат од Стопанската комора.
Како најважен приоритет во обезбедувањето домашно производство на струја бизнис заедницата ја наведува набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино.
– За да може да се обезбедат нови количини на мазут потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена, за да не се случи недостиг на пазарот – најгасуваат од Комората.
За да се одржи производството на компаниитеи да нема удари од зголемувањето на цената на електричната енергија комората предлага ТЕ-ТО да биде во функција цела година.
-Бидејќи многу важно е да се има домашно производство не само во услови за да има стабилност туку и за услови доколку се случи затворање на границите и на cross border протокот (преку граничниот проток на електрична енергија). Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуирано производство на домашната економија – велат од Комората.
Оттаму апелираат компаниите итно да добијат приклучок за поставените фотоволтаици.
– 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, сѐ уште чекаат на приклучок на мрежа. Се бара ЕВН и сите субјекти којшто се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици а истите да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата – нагласуваат од Комората.
Во тие рамки е и барањето Регулаторна комисија за енергетика да подготви Правилник за организирање дистрибутивни мрежи.
– Со зголемување на инсталираната моќност од фотоволтаиците ќе настане потреба од градење на 110 киловолти трафостаници а на тие ќе има можност да се приклучат и други производители.
Едно од барањата на бизнис заедницата е и да се врати Уредбата која беше во функција во услови на прогласена кризна состојба со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата.
-Тоа беше и единствена мерка за поддршка на индустријата во делот на набавка на енергенси со поповолни услови. Со укинување на таа Уредба енергијата произведена од обновливи извори наменета за индустријата се намали за цели 8 процентни поени и сега изнесува од 6% до 7%, што значи со губењето на енергија од обновливите извори за потребите на индустрија производните трошоци на компаниите ќе растат – велат оттаму.
Во рамки на барањата за подобрување на работата на компаниите се бараат и измени на Законот за градба, со цел легализирање на индустриски капацитети/објекти само со Г намена (за незагадувачка индустрија), кои се изградени согласно веќе донесените урбанистички планови и имаат основни проекти, но немаат дозвола за градба од повеќе објективни причини.
Комората апелира да се спречат злоупотребите на стопанските субјекти кои се префрлаат на универзален снабдувач а при тоа ги исполнуваат условите да бидат на слободен пазар.
– Тоа е работа на Регулаторна комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН истите да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ непотребно се оптоварува ЕСМ – велат од Комората.
За да биде појасна состојбата од Стопанската комора ги објавуваат и цените на електричната енергија во земјите од регионот каде што е активна преку Коморскиот инвестициски форум.
Цената на електричната енергија, рамковен распон, EUR/MWH (евра по мегават час)
Цени во јуни 2022 | Очекувања 2022 | Очекувања 2023 | Напомена/Извор | |
Германија | 200 – 210 | 210 – 250 | 200 – 230 | База, пазарна цена актуелна на 14 јуни 2022 |
Унгарија | 230 – 240 | 240 – 280 | 220 – 240 | База, пазарна цена актуелна на 14 јуни 2022 |
Албанија | 90 – 110 | 100 – 120 | 110 – 130 | КИФ |
БиХ | 55 – 75 | 55 – 75 | 80 – 100 | КИФ |
Косово | 70 – 90 | 70 – 90 | 90 – 110 | КИФ |
Северна Македонија | 200 – 240 | 230 – 270 | 220 – 240 | КИФ |
Црна Гора | 50 – 60 | 50 – 60 | 80 – 100 | КИФ |
Србија | 70 – 80 | 120 – 180 | 120 – 180 | Анкетно истражување меѓу фирмите |
Напомена: За Германија и за Унгарија се дадени очекувањата на пазарот (open market), a за регионот се дадени очекувањата на компаниите кои се снабдуваат по субвенционирани цени (во Србија се поголеми очекувањата кога се зборува за идниот раст на цената, во однос на бизнисите од регионот, освен за Северна Македонија, каде што цената за стопанството ја одредува пазарот).
Од Комората се надеваат дека владата ќе одговори позитивно на нивните барања.
-И досега за одредени прашања сме имале различни ставови, некогаш сме наоѓале заеднички јазик, некогаш не, но ова прашање добива такви димензии, ако не изградиме заеднички став може да доведе до состојба од која враќањето на нормалното функционирање на компаниите ќе биде невозможно – велат од Стопанската комора.