СТОПАНСТВОТО ДНЕВНО ГУБИ 1 МИЛИОН ЕВРА ЗА СТРУЈА Митева вели состојбата би била поинаква, ако работат сите енергетски капацитети
Според портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ земјава губи 500 мегавати што во вкупна цена е и до 6 милиони евра.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто не се ангажираат целокупните производни капацитети на електрична енергија и да се помогне стопанството во мометот кога поради високите сметки за струја се затвораат компании.
– Македонските фирми сега плаќаат и до 800 евра за МWh, а енергетски капацитети во моќност од 400 до 500 мегавати стојат неискористени. ТЕЦ Неготино работи со половичен капацитет и од максималните 220 мегавати работи само со 90. Цената на производство на електричната енергија во ТЕЦ Неготино е над 150 евра по MWh. Со само проста математика може да се утврди дека доколку се искористи целиот капацитет односно останатите 130 мегавати ќе се дојде до дополнително производство од 3.120 мегавати на ден и со тоа заштедата на стопанството ќе биде 1 милион евра дневно. Тоа се пари кои што сега одат за купување на скапа струја од странство. Практично, со овој начин на работа ќе се спасеа илјадници фирми од затворање и милиони евра девизи од одлив – рече на денешната пресконференција портпаролката на партијата Маријана Митева.
Според неа, исто така целосно се неискористени и капацитетите на РЕК Осломеј и РЕК Битола кои исто така работат со половичен капацитет.
– Имено, од вкупниот инсталиран енергетски капацитет од 2.100 мегавати заради криминалот и неспособноста на власта искористени се само 1.600 мегавати. Македонија губи 500 мегавати што во вкупна цена е и до 6 милиони евра. Граѓаните и бизнисот ги плаќаат овие загуби. Граѓаните и бизнисот ја трпат штетата, додека трговци заработуваат и до 600.000 евра за неколку дена – рече Митева.
Митева вели дека ако работат сите капацитети не би требало да се зголеми цената на струјата во јули.
-Токму разликата која недостасува до целосна искористена на РЕК Битола и РЕК Осломеј е разликата која што сега се увезува и заради која се случи покачувањето на струјата за граѓаните. Сето ова можеше да се спречи, предлогот им беше на маса, но антимакедонската СДС го отфрли и одбра да служи на криминалот и корупцијата наместо на народот. Се што требаше да направат е да се посветат на нови ископи на јаглен во РЕК Битола и навремен увоз доколку тоа беше потребно, како и навремено снабдување со мазут за потребите на ТЕЦ Неготино. Народот и фирмите немаше да страдаат доколку владата не беше криминална. Потребно е итна промена на власта и потребна е влада која знае како да ја води државата низ криза – рече Митева.