Стопанската комора во мај ќе одржи вебинар за влијанието на ковид-19 врз осигурителниот бизнис

260

Стопанската комора на Македонија во мај ќе организира вебинар на тема „Влијанието на ковид-19 врз осигурителната индустрија, тековни трендови и изгледи за иднината“.

Комората пред некој ден соопшти дека набавила опрема и обезбедила пристап до еден од најквалитетните онлајн софтвери за видео-конференциски врски и во соработка со Управата за јавни приходи, веќе ја реализираше првата онлајн обука за компаниите.






– Друштвата за осигурување во земјава се генерално добро капитализирани и користат софистицирани напредни методи за управување со ризици, кои треба да им помогнат да ги издржат ударите поврзани со ковид-19. Имајќи го предвид значењето на осигурувањето во обезбедување заштита на поединци, домаќинства и деловни субјекти, регулаторните тела преземаат активности за одржување на финансиското здравје на друштвата за осигурување, давајќи придонес во одржувањето на стабилноста на целиот финансиски систем. Но, пандемијата остава сериозни последици врз глобалната економија и финансиските системи, а во тој контекст и врз друштвата за осигурување. Оттука, важно е да се има јасен увид во моменталните последици и идните предизвици од влијанието на ковид-19 врз осигурителниот сектор. Затоа, темата на овој вебинар е многу актуелна и ќе се дискутира за прашања од типот: Каков треба да биде регулаторниот и супервизорскиот одговор, сега и подоцна? Колку Ковид-19 ќе ја промени иднината на бизнис-моделите во осигурувањето? Каква е подготвеноста на посредниците во осигурувањето и кои треба да бидат идните чекори? – најави денеска м-р Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор за економски прашања.

Говорници на овој вебинар ќе бидат познати имиња од светот на осигурувањето од Европа и од САД, директори на супервизорско тело на осигурувањето од Словенија и на биро за осигурување од Хрватска, како и претседателот на Здружението на финансиски организации при Стопанската комора на Македонија. Вебинарот е инициран и на него ќе биде воведничар Климе Попоски, поранешниот претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето во нашата земја, а сегашен член на Собранието на Стопанската комора.

Се очекува бројно учество на вебинарот од страна на осигурителните компании од земјава, посредници во осигурувањето, како што се брокерските друштва и банките, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Министерството за финансии, Националното биро за осигурување, како и на високи претставници на агенциите и телата за супервизија на осигурувањето од повеќе земји од непосредното, но и поширокото опкружување на земјава.

– Очекуваме настаните, како што е овој вебинар, да станат редовна пракса во идното работење на Стопанската комора на Македонија, особено имајќи го предвид фактот дека опремата и софтверот со коишто располага Комората можат да бидат изнајмени и самостојно користени од компании-членки на Комората, но и од други компании – додаде Јовановски.

Извор: Стопанска комора на Македонија

Поврзани содржини