Стопанската комора одговори на повеќе од 2.500 повици на компаниите (ВИДЕО)
Најголем дел од прашањата на компаниите се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа
Во периодот од 25 март наваму, кога беше формиран Кризниот штаб при Стопанската комора на Македонија, самиот штаб и останатите вработени во Комората одговорија на околу 2.500 прашања од компаниите. За голем дел од прашањата Комората оствари интензивна комуникација и доби појаснувања од Владата и надлежните државни институции. По започнувањето со работа на контакт-центарот на Владата интензитетот на јавувања на компаниите во Комората малку се намали, но тие и натаму продолжуваат, информира денеска Зоран Јовановски од Комората.
Јовановски рече дека општ е заклучокот дека компаниите сакаат стриктно да ги применуваат прописите што се во важност.
– Најголем дел од прашањата на компаниите поставени до Стопанската комора на Македонија се однесуваат на детали околу дозволите што ги издаваат работодавачите за движење на нивни вработени поради вршење на сменска и ноќна работа – рече тој.
Искуството на Комората во услови на вонредна состојба покажа дека секоја промена што се прави од страна на надлежните институции треба да биде проследена со истовремено носење на соодветните документи што детално ја објаснуваат промената. На тој начин, се намалува потребата од дополнително разјаснување и се олеснува комуникацијата со компаниите.
Тој информира дека доколку продолжи вонредната состојба во земјава, продолжува со работа и Кризниот штаб при Стопанската комора на Македонија, како и останатите активности на Комората што се одвиваа во постојните околности.