Стопанска банка а.д. Битола остварува позитивни финансиски резултати, има добивка од 6,05 милиони денари

Очекувањата за периодот што следува се во насока на стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено забрзување на домашниот економски раст. Банката и во идниот период ќе дејствува во согласност со целите, мерките и активностите поставени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план.

504

Стопанска банка а.д. Битола и во првиот квартал од 2021 година го продолжи трендот на остварување позитивни финансиски резултати. Иако повеќе од една година Банката се справува со предизвиците наметнати од пандемијата со ковид-19, и понатаму го задржа фокусот кон остварување на клучните стратешки цели, дејствувајќи во насока на наплата на дел од нефункционалните побарувања, а истовремено продолжувајќи со кредитна поддршка на правните субјекти и на домаќинствата, притоа максимално залагајќи се за безбедноста на клиентите при користењето на услугите на Банката, како и за безбедност на вработените на работните места, информираат од Стопанска банка а.д. Битола. 

Финансиски перформанси на Банката






Успешно приспособувајќи се на тековните пазарни услови, економските промени, како и наметнатите предизвици, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 31.3.2021 година, односно добивка во износ од 6,05 милиони денари, што е значително подобро остварување во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камати се повисоки за 11,28 %, односно 7,56 милиони денари во однос на остварувањето на првиот квартал од 2020 година. Кај приходите од камати беше евидентиран годишен раст од 1,00 милиони денари, што генерално се должи на зголеменото кредитирање. Доброто управување со изворите на средствата и нивните цени придонесе за намалување од 6,56 милиони денари на страната на расходите, главно во делот на пасивните каматни стапки.

Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 11,50 % споредено со претходната година. Притоа подинамичен раст имаа приходите од провизии и надоместоци, кои се зголемија за 10,38 % споредено со остварените во периодот 1.1.2020 – 31.3.2020 година, додека расходите пораснаа за 7,88 %. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за првиот квартал од 2021 година за 15,47 %.

Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 5,83 милиони денари и се намалени за 11,66 % на годишна основа.

Останатите приходи од дејноста се пониски за 4,55 милиони денари споредено со периодот 1.1.2020 – 31.3.2020 година, кога беа остварени поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот.

Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа е помала споредено со претходната година за 48,44 %, што се должи на активностите за наплата на дел од побарувањата, на зголеменото кредитирање на секторот домаќинства, што, пак, традиционално носи пониско просечно ниво на ризик, како и на проценките за квалитетот на кредитното портфолио на правните лица како мерка на прудентно работење и претпазливост на Банката. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа не бележи значителни годишни промени во апсолутен износ.

Трошоците за вработените бележат намалување од 4,40 % споредено со претходната година, што е одраз на настојувањата на Банката за постигнување поголема ефикасност во работењето со постојниот стручен кадар, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 92,45 %. Останатите расходи од дејноста во првиот квартал од годината изнесуваат 41,59 милиони денари и се пониски за 4,88 % во однос на истиот период од минатата година. Амортизацијата е зголемена за 9,24 % на годишна основа, одразувајќи ги промените во недвижностите и опремата.

 

Промени во сметководствените политики и методи на вреднување

 

Во периодот 1.1.2021 – 31.3.2021 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

 

Дивиденди

 

Предлог-одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2020 година на Стопанска банка а.д. Битола, е ставена на дневен ред на седницата на Годишното собрание на акционери што ќе се одржи на 26.5.2021 година, а со којашто не е предвидена исплата на дивиденда за 2020 година.

Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Недвижностите и опремата бележат зголемување од 6,57 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година.

Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

Обврските по кредити се намалени за 5,52 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2020 година, што се должи на враќање средства по основ на кредитни линии со поголема динамика од користењето средства по овој основ.

Очекувања за претстојниот период

 

Очекувањата за периодот што следува се во насока на стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено забрзување на домашниот економски раст. Банката и во идниот период ќе дејствува во согласност со целите, мерките и активностите поставени во Деловната политика, развојниот и финансискиот план. Фокусот, како и досега, ќе биде ставен врз пресретнување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги, јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот.

Понатамошна дигитализација на дел од услугите и процесите останува како една од најзначаните стратешки определби на Банката, особено во услови на работење кога е неопходно сведување на минимум на физичкото присуство на клиентите во банките. Дополнително, Банката ќе го приспособува работењето во согласност со измените во законската и подзаконската регулатива и условите на пазарот. Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката.

Поврзани содржини