Стоп за уметници со проруски симпатии

Режисерот Ричард Турпин од своја страна во неколку интервјуа подвлекува дека не ги разбира критиките упатени кон него, поставувајќи прашање за тоа какво значење би имала неговата поддршка за Русија во однос на театарска претстава во која тој е ангажиран, а во која воопшто не се работи за Русија.

152

Забраната за финансирање уметност и творештво зад кое стојат автори што изразиле извесни проруски ставови, во демократско политичкиот контекст во западните земји, добива нови димензии.

Шведската конзервативна партија на Модератите во Стокхолм сака да ја спречи финансиската поддршка за театарот „Трибунален“, бидејќи поставката на една актуелна претстава во овој театар ја режира отворено прорускиот и со симпатии кон Путин настроен шведскиот актер и режисер, Ричард Турпин.






Околу 45.000 евра од регионални даночни средства се одобрени за репертоарот на тој театар годинава, меѓу другото и за продукција на пиеса посветена на Холокаустот. Но претставата во режија на Ричард Турпин беше одбиена од регионалниот политички совет. Партијата на Модератите во Стокхолм бара театарот да ги врати парите што ги добил за 2025 година и да ја прекине соработката со контроверзниот режисер.

Уметничкиот директор на театарот „Трибунален“ тоа го гледа како напад врз слободата на изразување, нагласувајќи во изјава за медиумите дека мислењата на режисерот Турпин се негови приватни и немаат никаква врска со претставата на која во моментов се работи.

Режисерот и актер Ричард Турпин ја бранеше руската војна против Украина во говор што го одржа пред Шведско-руското здружение за пријателство минатата година. Во неговиот говор, чие сценарио беше објавено на веб-страницата на здружението, се наведува дека „…војната во Украина и руската победа се од светско-историско значење“. Во исто време кога медиумите го објавија и проблематизираа неговиот говор, тој настапуваше во претставата „Германска есен“ во Градскиот театар во Упсала, која беше откажана по големите протести поради безбедносни причини.

Турпин вели дека стои зад своите ставови за војната во Украина и воедно нагласува дека не разбира зошто е подложен на она што тој го нарекува „професионална забрана“. „Во актуелниов миг работам на комедија, фарса што нема никаква врска со Путин.“

Бојкотот на проруските ставови и поинакви мислења во однос на Русија и руската култура постојано добива нови димензии. Пред извесно време Шведската телевизија објави дека чешкиот „Херитиџ балет“, познат со своите меѓународни турнеи со „Лебедово езеро“ на Чајковски, имал сомнителни врски со руската држава. Шведските концертни сали кои ја резервираа продукцијата која требаше да биде изведувана во април годинава, по заедничка спроведена истрага одлучија да ја прекинат соработката со чешката компанија.

Да се изведува руска музика или драмски поставки во западноевропските земји е прашање околу кое континуирано се дебатира по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Прашањето е, всушност, попрецизно речено, дали руските класици може да се сметаат за дел од пропагандата, или, пак, имаат свое недвојбено место во „нашето заедничко европско и светско културно наследство“?

Дали поставка на „Лебедово езеро“ би можела да биде видена и доживеана како некаков израз на меката моќ на Кремљ?

„Чајковски ни припаѓа на сите нас. Мислам дека е исклучително важно да се обидеме да ја разоружаме националистичката руска пропаганда. Режимот на Путин го турка наративот дека Западот го мрази Истокот, но ние не сакаме и не дозволуваме да нè повлече таква приказна“, објаснува Шјел Енглунд, директор на шведската „Вермланд опера“ во Карлстад.

Во овој контекст вреди да се спомене и литературната награда „Алма“, која се смета за една од најважните светски награди за литература за деца и млади. Наградата беше воспоставена од страна на шведската влада по смртта на прочуената писателка Астрид Линдгрен во 2002 година. По препорака на владата во Стокхолм, поради војната во Украина, жирито донесе одлука дека ниедна руска инстанца не може да продолжи да номинира автори кандидати за наградата „Алма“. Според истата одлука, руски писатели би можеле да бидат номинирани од организации и институции од други земји, но тоа воопшто не се случи.

Напоредно со таквата одлука се слушнаа и низа критички забелешки дека овој тип на ограничување може да биде од полза токму за Кремљ, од каде долго време се ширеа тврдења дека руската култура е забранета во странство.

Руската уметност и класичната руска литература се нераскинлив дел од светската култура, но во дебатата која се актуелизира во сенката на војната во Европа, многумина укажуваат дека во денешна Русија таа понекогаш се лансира како природен ресурс, како нафтата и гасот. Целта е тоа да функционира како доказ за супериорноста на руската култура.

Оттаму и анимозитетот меѓу западните критичари кои сметаат дека треба отворено да се бојкотира руската култура додека не заврши војната. Но, тоа, сепак, се надвиснува како меч со две острици, бидејќи продолжувајќи со изведбите на делата на големите руски композитори и драматурзи во западните центри, на Путин му се избива аргументот од рацете, дека декадентниот Запад е воден од русофобија.

Но, во крајна линија, апсурдна и неразумна мисла е да се поврзат делата на руските мајстори како Чајковски, Толстој и Достоевски со воените дејствија и напори во Украина, и да се оди толку далеку, така што ќе се предлага и заговара општ бојкот на руската култура, вклучувајќи ги во тој контекст и јавно изразените проруски ставови и симпатии.

Режисерот Ричард Турпин од своја страна во неколку интервјуа подвлекува дека не ги разбира критиките упатени кон него, поставувајќи прашање за тоа какво значење би имала неговата поддршка за Русија во однос на театарска претстава во која тој е ангажиран, а во која воопшто не се работи за Русија. „Мојот став, нагласува тоја, не е контроверзен во остатокот од светот надвор од Европа, но овде во Шведска не можете да водите нијансирана дискусија.“

Прашањето е, значи, во колкава мера може суштински да се ползува историската придобивка на слободата на изразување и дали, всушност, оние со поголема моќ од уметниците и културните работници можат ја користат својата моќ за да ги замолчат другите.

И тоа во контекстот на демократските вредности и слободи кои ЕУ постојано ги потенцира како симболика на триумфот на „отворениот и слободен свет“.

Поврзани содржини