Стоп за неопходна работна сила во ЕУ

Само на Германија во иднина ќе ѝ бидат потребни 400.000 работници мигранти годишно. Но, од каде ќе дојдат тие? Млади добро образовани Турци кои бараат азил во земјата, ги враќаат назад во Турција. Многумина се двоумат да се преселат во Германија, имајќи го предвид зголемениот расизам во земјата.

83

Четири партиски групи во Европскиот парламент деновиве упатија писмено барање до претседателката на Парламентот, Роберта Мецола, да преземе мерки против она што го нарекуваат „навредлив и недостоинствен јазик“ во врска со неодамнешното гласање за етаблирање на таканаречените мигрантски центри за враќање.

Протестот е насочен, пред сѐ, кон шведскиот европратеник Чарли Вајмерс од национално-конзервативната група ЕЦР, кој е изложен на критики поради неговата изјава дека „ерата на депортации во ЕУ започна“. Групите С&Д, РЕ, Зелените и Левицата сметаат дека изјавата алудира на Холокаустот и е „шокантен пример за поттикнување против групи луѓе“.






Ваквата реакција, се разбира, не е случајна. Веќе стана сè поочигледно дека дебатата за миграциите во Европа сè повеќе ја карактеризира засилено прилагодување кон начинот на кој партиите од спектарот на крајната десница го формулираат проблемот. Во исто време сè помалку се дискутира за големиот предизвик на иднината со кој се соочува ЕУ: како да се привлечат доволно луѓе кои ќе сакаат да живеат и работат во ЕУ?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц деновиве изјави дека 80 проценти од повеќе од 900.000 сириски граѓани во земјата треба да се вратат во Сирија во рок од три години. Изјавата беше дадена за време на посетата на Берлин на сирискиот привремен претседател Ахмед ал-Шара. Мерц нагласи дека добро интегрираните Сиријци можат да останат, но дека на Сирија ѝ е потребно нејзиното население за обнова.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој ја предводи централно-десничарската владина коалиција, неделава изјави дека ако неговата коалиција од четири партии победи на септемвриските избори, партијата на крајната десница Шведски демократи ќе има „големо политичко влијание и важни министерски позиции во областите на имиграцијата и интеграцијата“.

Со своето засилено влијание врз политиките на владата, Шведските демократи во изминатите години јасно покажаа дека нивната цел е драстично да ја запрат имиграцијата на азиланти, да депортираат што е можно повеќе мигранти, да создадат претпоставки за ретроактивно одземање на државјанствата и дозволите за постојан престој и да ги заострат условите за семејна имиграција и државјанство. Младинскиот огранок на Шведските демократи е брутално јасен и вели: „Нека чини колку ќе чини, тие мора да ја напуштат Шведска!“

На разни нивоа сѐ позачестено се укажува дека ЕУ се движи кон период на значително построга политика за азил, каде што брзите одбивања и камповите за баратели на азил во соседните земји на ЕУ се централни прашања. Доколку политиката биде успешна, на значително помалку баратели на азил ќе им биде дозволено да останат во ЕУ во иднина.

Факт е дека напоредно со порастот на расистичките и крајно десничарските партии во повеќе ЕУ-членки, се менуваат и владините политики и социјалната клима. Многу луѓе со потекло од други земји се соочуваат со манифестирање на отворен расизам. Но во преден план истовремено доминира и парадокс. Мнозинството земји-членки на ЕУ се соочуваат, всушност, со акутен недостиг на работна сила, а имаат и многу ниски стапки на наталитет. Згора на тоа и иселувањето на млади луѓе ги продлабочува проблемите и недостигот од работна сила на пазарот на трудот.

Вкупно земено, проекциите за населението и демографските трендови изгледаат лошо. Доколку треба да се задоволат нараснатите потреби на земјоделството во Шпанија, индустријата во Германија, или пак за грижата за стари лица во Шведска и во Финска во наредните години, ЕУ ќе треба да привлече милиони нови имигранти. Во спротивно ќе се засилува вистинската миграциска криза гледано во подолга перспектива, иако за тие прашања моментно е тешко да се дискутира во јавноста, бидејќи не се вклопуваат во агендата на крајната десница која се натпреварува во трката за воведување сѐ построги анти-мигрантски мерки.

Акутната демографска криза во земји како, на пример, Бугарија, Романија и Литванија, се должи на комбинација од ниски стапки на наталитет, ниска имиграција и висока емиграција. Младите луѓе на работоспособна возраст се селат, многумина никогаш не се враќаат. Истите трендови несомнено се присутни и во сите земји кандидатки за членство во ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија. Но, намалувањето на населението и големиот недостиг на работна сила наскоро ќе влијаат и на повеќе други земји во ЕУ.

Стапката на наталитет се намалува и во скандинавските земји, но тие сѐ уште не се во најлоша ситуација. Ситуацијата е значително полоша во земји како Италија и Грција. Откако стапката на наталитет ќе се намали, тешко е да се промени трендот, без оглед на тоа дека постојат докажани методи за охрабрување на семејствата да се решат да имаат повеќе деца. Дарежливото родителско отсуство во комбинација со прифатлива и добра грижа за деца го олеснува животот на семејствата. Повисоки плати и обезбедување домови за млади семејства обезбедуваат финансиска сигурност што поттикнува создавање нови семејства. Голема важност има и унапредувањето на мерките за јакнење на еднаквоста меѓу мажите и жените. Но, ова се прашања за кои тешко се дискутира на ниво на ЕУ. Напротив, пазарно-либералните политики на ЕУ честопати можат да функционираат во спротивна насока.

Само на Германија во иднина ќе ѝ бидат потребни 400.000 работници мигранти годишно. Но, од каде ќе дојдат тие? Млади добро образовани Турци кои бараат азил во земјата, ги враќаат назад во Турција. Многумина се двоумат да се преселат во Германија, имајќи го предвид зголемениот расизам во земјата. И не само во Германија, туку и во повеќе други европски земји.

Недостиг од работна сила во моментов владее во голем број сектори во речиси сите земји членки на ЕУ. Токму затоа Европската комисија неретко нагласува дека на ЕУ ѝ е силно потребна имиграција на работници, а за што е неопходно олеснување на законската регулатива, со напоредно засилување на заштитата на работниците од експлоатација и натамошно подобрување на мобилноста внатре во Унијата. Во спротивно, без прилив на работна сила, ќе запрат економските тркала на ЕУ.

Ако го земеме примерот на Шведска, нешто повеќе од половина од возачите на автобуси и трамваи во земјата се родени во странство, а и една третина од лекарите и медицинските сестри се имигранти. Статистиката покажува слична мигрантска „преплавеност“ и во низа други професии. Шведска едноставно не може да функционира без имиграција. Неспорна вистина е дека имиграцијата историски значајно ја збогатила не само Шведска, туку и голем број други западноевропски земји.

Истото важи и за имиграцијата денес, иако политичките заложби и општествената клима околу миграциите драстично се менуваат. Токму затоа, прашањето за тоа колку е веродостојно драстичното заострување на антимигрантската политика во голем број земји во Европа, всушност не може да се одвои од предупредувањата дека иднината на таквите заложби може да заврши во ќорсокак со контрапродуктивен бумеранг ефект.

Врескањата од типот „Нека чини колку ќе чини, само да ги снема одовде!“, може да завршат со испорачување на мошне висока сметка, која не само што не ќе може да се плати, туку ќе остане и како сизифовски камен врзан околу вратот, повлекувајќи сè зад себе, кога незапирливо ќе се стркала наназад.

Поврзани содржини