Стоматолозите бараат повисока капитација поради повисоките трошоци за заштита од ковид-19

Од 13 Мај ординациите започнаа со работа под посебни услови со ограничен број на интервенции и ограничен број на пациенти.

254

Стоматолозите алармираат за зголемените трошоци за заштитна опрема запревенција од ризиците од вирусната инфекција ковид-19  и бараат повисока капитацијата.

Од Групацијата за приватно здравство при Сојузот на стопански комори, Здружението на доктори специјалисти концесионери од специјалистичко-консултативна стоматолошка здравствена заштита и Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори велат дека новите правила за работа во услови на пандемија дополнитлено ги зголемило нивните трошоци кои тие не сакаат да ги префрлат на товар на пациентите.






– Зголемени се цените и на материјалите и на средствата за дезинфекција, а исто така ограничени се и стоматолошките интервенциите кои можат да се пружат на пациентите. Намален е приемот на пациенти заради почитување на мерките и протоколите и сето ова допринесува за зголемување на цената на услуга од 500-1500 денари зависно од интервенцијата. Сетоа влијае на исплатливоста во работењето и дополнителни трошоци – велат стоматолозите.

Тие сметаат дека не е време за зголемување на цените на нивните услуги, но доколку институциите не одговорат на нивните барања ќе мора да го сторат тоа. Затоа тие бараат да почнат преговори со фондот за здравство за зголемување на капитацијата.

– Во ова време на криза, кога е намалена финансиската моќ на пациентите,  товарот не треба да падне на пациентите, покрај стоматолошката услуга, пациентите да треба да плаќаат повеќе за вонстардната опрема. Капитацијата од 48 денари и цените на услугите при договор склучен со Фондот за здравство не ја вклучуваат и дополнителната опрема. Во таа насока потребно е итно отпочнување на преговори со ФЗО, бидејќи во овој момент моделите се нефункционални и се на штета на пациентите и докторите по стоматологија- велат стоматолозите.

Групацијата за приватно здравство при Сојузот на стопански комори како и стоматолошките здруженија за таа цел испратија допис до ресорното Министерство, по одржаниот состанок со министерот за здравство на 12 мај 2020 година, со конкретни предлог-економски мерки за ПЗУ, како и обезбедување на лична заштитна опрема и продолжување на преговорите со Фондот за здравство, за што сѐ уште се очекува одговор.

Стоматолошките ординации беа  ставени во вонреден режим од 11 март, а подоцна и целосно затворени по препорака на Министерството за здравство, ФЗО и Стоматолошката Комора, се со цел превенција на ширење на епидемијата.

Од 13 Мај ординациите започнаа со работа под посебни услови со ограничен број на интервенции и ограничен број на пациенти.

Приватните здравствени установи се дел од здравствениот систем во Македонија и даваат значаен придонес во обезбедувањето на квалитетни здравствени услуги за осигурениците и пациентите воопшто.

Поврзани содржини