СТОМАТОЛОШКАТА КОМОРА Е СПРЕМНА НА ПОСЛЕДИЦИТЕ, АКО ЗГРЕШИЛА Многу нејаснотии за тоа што се правело со лиценците на стоматолозите

Претседателот Денковски најави дека уште денеска ќе ги повика на разговор и на консултација претходните претседатели на Комората. 

1,226

Имавме неколку контроли и не беа констатирани неправилности, изјави на денешната прес-конференција, претседателот на Стоматолошката комора, Маријан Денковски. Прес-конференцијата следи откако министерот за здравство Азир Алиу во саботата информираше дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора.

– Комората не може да знае зошто и во кој обем е таканареченот времено одземање до исправање на неправилностите, односно да ги цитираме зборовите на министерот „до стишување на работите во Комората“ – рече Денковски.






Комората минатата недела имала интензивна комуникација со министерот за здравство.

– Заклучокот беше дека, доколку има неправилности, Комората ќе ги вложи сите напори да се исправат. Исто така, сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управата за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон – додаде Денковски.

Тој ги демантираше наводите дека на Комората ѝ биле дадени насоки од министер, а дека таа не постапила.

– Нема вистина во тоа и не е точно дека Комората не постапила – нагласи Денковски и додаде дека Комората во текот на април постапила согласно насоките на министерот за здравство по сите точки кои биле наведени.

Претседателот Денковски најави дека уште денеска ќе ги повика на разговор и на консултација претходните претседатели на Комората.

– Да го слушнеме и нивното мислење, зашто по она што го знаеме досега, се работи за некои незаконски постапки на Комората од 2016 година, па дури и порано, односно од 2006 година. Ќе се направи средба со Лекарската комора зошто ако кај нас, во стоматологија, „незаконска“ едукација вршеле околу 15, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво – додаде Денковски.

Комората планира да свика вонредни седници на Извршниот одбор и на Собранието.

– На крајот времето ќе покаже каде е вистината. Сите ние во Комората сме спремни на сите последици доколку имаме згрешено, но исто така доколку се потврди дека Комората нема финансиски или други криминали, сосема реално е да бараме јавно извинување – додадоа претставниците на Комората на денешната прес конференција.

 

Поврзани содржини