„СТОЛЧЕТО НА ГЕРАСИМОВСКИ ПРАЗНО, КАКО И ЧЕТИРИТЕ ГОДИНИ ВО ОПШТИНАТА“ Лабудовиќ го нападна за дивоградбите и бетонизацијата во Центар

Кандидатот на ЗНАМ остро реагираше дека градоначалникот избегнал соочување поради, како што вели, неработење и толерирање на урбан хаосот.

975

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, вечерва во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 изјави дека се работи за, како што рече, „скандалозна ситуација“ во која кандидат за советник од СДСМ гради дивоградба на Кале, а актуелниот градоначалник Горан Герасимовски не реагира.

– Имаме скандалозна ситуација, кандидат за советник од СДСМ гради дивоградба на Кале. И не застанува, туку продолжува да ја прави. А градоначалникот Горан Герасимовски не реагира. Затоа вечерва не дојде на соочување, бидејќи тоа би значело соочување со одговорност за тоа што ништо не направил четири години – изјави Лабудовиќ, додавајќи дека „столчето на Герасимовски во студиото е празно, како што било празно и во Општината“.






Според него, актуелниот градоначалник за цели четири години ревидирал само три од вкупно 31 урбанистички план, оставајќи простор за безредие и масовна бетонизација.

– Во моментов има градба на 25 згради само во Буњаковец, плус целиот комплекс на „Треска“. На многу места во Центар, зградите се толку блиску што жителите може да си додаваат сол и кафе преку тераса – потенцираше Лабудовиќ.

Тој најави дека во неговата програма е предвидена комплетна дигитализација и транспарентност на секоја постапка за градба, со цел граѓаните во секое време да имаат увид во издадените дозволи и документацијата.

Меѓу проектите кои ги претстави, Лабудовиќ најави проширување на паркинг просторот со катни и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата железничка станица, изградба на општинска зграда со подземен паркинг за 300 возила и пешачка зона околу неа, како и реконструкција на повеќе улици по моделот на Орце Николов.

– Само со искрена и професионална соработка со градот, а јас верувам во тоа, ќе направиме Центар повторно да биде вистинското лице на Скопје – порача Лабудовиќ, најавувајќи и заеднички проекти со, како што рече, идниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини