„СТОКОМАК“ СЕ ШИРИ НА СРПСКИОТ ПАЗАР Влегува во конкуренција со познати странски брендови

Целокупната инвестиција за почеток е околу 5 милиони евра, но плановите се да се прошири бизнисот. Првата фаза предвидува отворање модерни дисконти во Пирот, Ниш, Параќин, Лесковац и во Панчево, а се преговара и за други локации. Централата на компанијата во Србија е во Ниш.

1,651

„Стокомак“, еден од најголемите и најпосетувани трговски синџири во земјава, се проширува и на српскиот пазар. Првите малопродажни објекти ќе ги отвори на крајот на овој месец или најдоцна на почетокот на следниот месец.

Целокупната инвестиција за почеток е околу 5 милиони евра, но плановите се да се прошири бизнисот. Првата фаза предвидува отворање модерни дисконти во Пирот, Ниш, Параќин, Лесковац и во Панчево, а се преговара и за други локации. Централата на компанијата во Србија е во Ниш.






Упрвителката и сопственичка на компанијата Ѓурѓа Георгиева вели дека инвестицијата во Србија ќе донесе развој на компанијата.

– Се определивме за овој чекор бидејќи без инвестиции е невозможно да обезбедиме понатамошен развој за нашата компанија. „Стокомак“ е основан во 1997 година и досега целокупната заработувачка, секоја година во целост се реинвестира. Животниот циклус на секоја компанија е да се развива и оди во фаза на раст и развој или за жал во надолна фаза, стагнација која трае многу кратко и резултира со опаѓање – вели таа.

Во Србија „Стокомак“ очекува да се пробие исто како и во земјава со квалитетна понуда и со добри цени.

– Секако очекувањата се позитивни, веруваме дека имаме што да понудиме, имаме искрени намери, кои веруваме дека српските потрошувачите ќе ги препознаат. Ние се предводиме од нашата основна цел, да го пронајдеме и обезбедиме најдобриот квалитет по најдобри цени за нашите потрошувачи. Впрочем, тоа е согласно нашиот концепт кој го работиме и го развиваме долги години – вели Георгиева.

Според планот, во српските маркети „Стокомак“ ќе понуди околу 1.200 производи, а снабдувањето на продажните објекти и во Србија ќе биде преку добавувачи и производители кои ги снабдуваат и маркетите во земјава.

– Прво сакаме да изразиме огромна благодарност до нашите партнери (добавувачи-производители), кои сите овие години беа поддршка во развојот на нашата компанија и секако дека со истите ќе продолжиме да се развиваме и на пазарот во Србија – вели Георгиева.

Дел од производите коишто ќе се нудат и во Србија се на домашните компании.

– Секако дека ќе имаме и голем број домашни производители со кои заеднички ќе се потрудиме да најдеме место на српскиот пазар – вели Георгиева.

Од „Стокомак“ велат дека за оваа голема инвестиција во странство е заслужен тимот во земјава кој го сочинуваат 1.000 вработени.

– Особено сме благодарни на сите директно вклучени во овој навистина голем и значаен проект за нас како компанија, исто така и за самата економија, кој индиректно носи голем број вработувања и зголемување на бруто домашниот производ во нашата земја – вели Георгиева.

„Стокомак“ со приходи од 138,5 милиони евра и профит од 4,1 милиони евра во 2023 година е четврт најголем трговски синџир во Македонија. Компанијата работи со 73 модерни дисконти во кои нуди широк спектар на прехранбени и непрехранбени производи по ниски цени.

Според истражувањето на Инсајдер ИД, „Стокомак“ е втор синџир на маркети кој го посетуваат македонските потрошувачи со учество од 59% во 2023 година.

На пазарот на Србија каде што последните години се отвораат голем број домашни и странски трговски синџири „Стокомак“ влегува во конкуренција со српските маркети „Делез“, со словенечки „Меркатор,“ германски „Лидл“, француски „Карфур“, италијанскиот „Eurospin“, но и најголемиот полски синџир Zabka…, како и голем број други трговски компании од регионот кои најавија отворање продажни објекти во соседната земја.

Поврзани содржини