Ѝ СТОИМЕ НА УСЛУГА НА ОПШТИНА САРАЈ ДА КРЕИРА КВАЛИТЕТНИ ПРОЕКТИ Други општини со градоначалници од ДУИ добија пари од владата
Од Министерството за животна средина велат дека е важно и жителите на Сарај да имаат придобивки и да им се решат проблемите и да имаат подобра инфраструктура и да имаат повисок стандард за живеење.
Од последните проекти наменети за општините, за кои Владата донесе одлука пред неколку дена, во Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) аплицирале и добиле проекти и општини кои се водат од градоначалници на Демократската унија за интеграција и Европскиот фронт, како што се општина Арачиново, општина Кичево, општина Липково, општина Врапчиште, општина Шутка, соопштија од Министерството.
Денеска од општина Сарај обвинија дека од ова министерство не добиле дозвола за проектот за изградба на пат во село Ласкарци.
„Ова докажува само едно – дека во никој случај не сме тргнале од принципот на партиска припадност, туку од принципот дека граѓаните ги ставаме на прво место, односно придобивки да имаат граѓаните и само граѓаните. Следствено, со најголема искреност изразуваме подготвеност до Општина Сарај, која истовремено е предводена од ДУИ, да им помогнеме во подготовката на проектите, затоа и рокот за аплицирање е продолжен за уште 1 месец за да граѓаните можат да имаат корист од овие проекти“ се вели во соопштението на Министерството за животна средина.
Оттаму посочуваат дека ќе бидат на услуга на општина Сарај со сите капацитети, со кадровски и стручни лица, односно со сиот административен потенцијал за да им помогнат да креираат добри и квалитетни проекти и да ги добиваат истите и да имаат корист граѓаните, бидејќи, повторуваат, не им е важно кои се градоначалници на општините.
„За нас е важно жителите на Сарај да имаат придобивки и да им се решат проблемите и да имаат подобра инфраструктура и да имаат повисок стандард за живеење. Уште еднаш за крај нагласуваме нема да оставиме никого. Не нè интересира партиската припадност на градоначалниците на општините, ние сме заинтересирани да помогнеме што е можно повеќе средства да стигнат до секој Албанец и до секој граѓанин во Северна Македонија“ се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.