Стоилковски: За градинка во Ѓорче набавени две машини за перење за 25.515 евра
Вакво трошење е производ на фараонскиот комплекс на СДСМ. Во услови на пропадната економија, во услови на зголемена невработеност, градинка во Ѓорче Петров прави набавка на машини за перење за 25.000 евра, за цели 10.000 евра повеќе од она што можеле да го набават на пазарот - рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес конференција објави дека за градинка во Ѓорче Петров се набавени две машини за перење во вредност од 1.569.164 денари, односно 25.515 евра.
– Според документите, на 18 мај годинава, градинката „Росица“ во Ѓорче Петров, чија директорка е избор на градоначалникот Александар Наумоски, склучува договор со Друштво за посредување, трговија и услуги ДОН ХОЛДИНГ ДООЕЛ Скопје за електрична опрема во вредност од 25.515 евра. Се работи за машина за перење од производител Фагор со определени перформанси, волумен, капацитет, вртежи, Г фактор, вртежи на центрифуга, греење на струја, систем таканаречен Лоадинг Еид (контрола за тоа колку е полна) и така натаму и така натаму, стои во документот. Според достапните информации од Бирото за јавни набавки, оваа набавка е направена со поедноставена отворена постапка, без електронска аукција со критериум за доделување на договор-најниска цена – вели Стоилковски.
Тој додава дека истиот производител, Фагор, со истите барани перформанси, волумен, капацитет вртежи, Г Фактор, вртежи при центрифуга, оној Лоадинг Еид, лед тач дисплеј, УСБ влез итн., значи исти перформанси како избраната понуда, се наоѓа за 6,650 евра плус ДДВ, или 409.000 со ДДВ 482.590 денари, за полесно 7.850 евра. Оттука, две вакви машини исти според спецификациите на набавката во Ѓорче Петров би чинеле 15.700 евра.
– Доколку критериум за избор бил најниска цена, како тоа од двете понуди пристигнати на објавениот тендер избрана е поскапата, за цели 230.000 денари без ДДВ? Што е мотивот да се прави набавка за две машини за перење, набавка чијашто цена е за цели 10.000 евра поголема? Имал ли улога во изборот на понудувач за оваа набавка градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски? Вакво трошење е производ на фараонскиот комплекс на СДСМ. Во услови на пропадната економија, во услови на зголемена невработеност, градинка во Ѓорче Петров прави набавка на машини за перење за 25.000 евра, за цели 10.000 евра повеќе од она што можеле да го набават на пазарот – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.