Преочигледна е селективноста на ЈО на Љубомир Јовески и на ЈО за организиран криминал водено од Вилма Русковска. Македонија на сите мерења тоне во корупција и криминал, Македонија секојдневно ја тресат корупциски скандали со имиња на функционери на режимот, а Јовески и Русковска не отвораат ниту еден предмет за тоа, и притоа внимавајте повикуваат некој друг да им ја заврши работата, изјави на денешната прес конференција, Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Нема крај на селективноста на Обвинителството и на судскиот систем затворени во пупката на Заев. Драги Рашковски, блискиот на Зоран Заев, измислува систем за снимање и автоматско казнување за прекумерна брзина во сообраќај. Рашковски прави набавка преку генералниот секретар каде се набавува софтвер со исти перформанси како неговиот пронајдок, ама несоодветен за МВР. МВР повеќе од осум месеци по добивањето на софтверот не го користи и прави свои набавки. Оштетен е државниот буџет, а ЈО не реагира, можеби само и само затоа што Драги Рашковски е и приватно и во владата близок на Зоран Заев, човек кој што наводно го реформираше судството и ги остави Јовески и Русковска да ги водат јавните обвинителства – вели Стоилковски.
Тој рече дека селективноста во нивната работа, а со тоа и на злоупотребите на нивната положба и функција со нивното непостапување, е лесно да се докаже.
– Во Македонија набавка на софтвер којшто не се користи, односно не е навремено ставен во употреба или е несоодветен, се дела за кои што има пресуди, има и кривични пријави, по коишто се водат постапки – додаде Стоилковски.