Стоилковски: Јавноста нема да види програма на СДСМ, туку бомби
Тој истакна дека ова е крик на очајни луѓе кои прават сè за да не одговараат пред правото и пред правдата.
Овие избори од СДСМ и Зоран Заев јавноста нема да види програма, туку бомби! На овие избори битката на Заев ќе биде со страв и со лаги! Извршителите не ги знае, но инспираторите ги знае, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на денешната прес-конференција.
– Зад мене е објектот, зад мене е инспирацијата за бомбашкиот напад врз семејниот објект на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Бомбашки напад врз функционер на опозицијата! Тоа е вистинското лице на забеганиот СДСМ. Тоа е чисто политичко насилство, мерки од најнедемократски режими. Насилството кое што се демонстрира е инспирирано и поттикнато од забеганиот СДСМ, од нивната насилничка реторика. Насилство кое што не враќа во мрачното време 90-тите, на транзицијата! Насилството, бомбашкиот напад на семеен објект на потпретседател на опозицијата, директно поттикнат од неказнивоста на функционерите на забеганиот СДСМ. За нив не важат законите, за нив важи само криминалот, насилството и сеењето на омраза. Одговорноста за бомбашкиот напад е во СДСМ, тука зад мене! И тука треба да се бараат инспираторите за нападот, кој што за среќа мина без жртви. Свесни за поразот, тонат во целосна забеганост, немоќ и страв, затоа атакуваат, напаѓаат врз првите луѓе на опозицијата. Игор Дурловски беше пресретнуван и вербално напаѓан со закани, Рашела Мизрахи е постојано следена и фотографирана за што има и пријава до полицијата, потпретседателот Николоски посочи на прислушување и следење, а сега – сега и бомби почнаа да фрлаат врз семејниот објект на Мисајловски – рече Стоилковски.
Тој истакна дека ова е крик на очајни луѓе кои прават сè за да не одговараат пред правото и пред правдата.
– Институциите мора да реагираат, случајот да се разреши што поскоро, сторителот или сторителите да бидат санкционирани. Не смее да се дозволи бандити да ни ја земат државата и ги контролираат нашите судбини. Решени сме, одиме до крај, до поразување на злото. Компромис со криминалот нема. По 15-ти јули правната држава ќе профункционира и сите кои што се огрешиле ќе одговараат. Јасен е изборот – или обнова со ВМРО-ДПМНЕ или криминал со Заев и СДСМ. Македонија не заборава, народот прави разлика – рече Стоилковски.