Стоилковски: Ангеловска бара донации за буџетот, а нејзината НВО зема пари од Фондот за иновации

447

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека невладината организација на министерката за финансии Нина Ангеловска добила пари од Фондот за иновации.

Портпаролот на партијата Наум Стоилковски на денешната прес-конференција рече дека министерката за финансии наместо  да се грижи за справување со кризата и со буџетската дупка, се грижи како нејзините соработници од СДСМ да добијат пари од Фондот за иновации.






– Веб платформата „Дигитални Услуги“ изработена од невладината организација на министерката за финансии, всушност е копија на интернет платформа „Дигитална Солидарност“ во Србија. Оваа платформа во Македонија е платена со пари од Фондот за иновации како дел од јавниот повик „Креатон“, а е изработена од организација чиј што претседател е Нина Ангеловска и во чии органи на управување има луѓе блиски до владејачката СДСМ – рече Стоилковски.

Според него, Фондот за иновации продолжува да биде Фонд за СДСМ.

– Ова е срамно и понижувачки, додека Ангеловска бара донации од граѓаните да ги враќаат парите од нејзиниот неуспешен проект „Мој ДДВ“, нејзината НВО да заработува од буџетот преку Фондот за иновации – рече Стоилковски.

Тој  побара министерката јавно да каже колку пари земала од Фондот за иновации.

– Најмалку што може министерката за финансии Нина Ангеловска е јавно да се произнесе за овој скандал, јавно да каже колку пари земала нејзината НВО од Фондот за иновации и секако да ги вратат парите земени од НВО земени преку Фондот за иновации.

 

Поврзани содржини