Стоилковски: 25.500 евра за две машини за перење за транспортна фирма?
Како е можно за тендер вреден според Ѓорче Петров 25.500 евра за само две машини за перење да нема други заинтересирани фирми.
Фатени живи на дело, купуваат две машини за перење за 25.500 евра, цели 10.000 повеќе од пазарната вредност на двете машини. Откако скандалот го објавивме, Александар Наумовски, градоначалникот на Ѓорче Петров од СДСМ, во паника порачува дека внимавајте градинката којашто всушност ја прави таа набавка и е потписник на договорот сега немала пари, а договорот ќе се раскинал, а тој немал никаква врска со тоа, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
– Фатени се на дело. Ова е договор по спроведена постапка. Како е можно за тендер вреден според Ѓорче Петров 25.500 евра за само две машини за перење да нема други заинтересирани фирми. Во услови на рецесија, во услови на криза, во услови на економски „стоп-кадар“, нема заинтересирани фирми за набавка којашто според документите овозможува разлика во цена од цели 10.000 евра за набавка на две машини за перење – рече портпаролот.
Тој додаде дека таа фирма е добро позната на градоначалникот на Ѓорче Петров и на директорката на градинката „Росица“ којашто го прави тендерот и го потпишува договорот. Само во април и во мај годинава имаат потпишано 4 договори. 4 тендери за два месеци вкупно тешки над 180.000 евра. 4 договори на фирмата Дон Холдинг од Ѓорче Петров, два со Александар Наумовски, градоначалникот на Ѓорче Петров, два со градинката водена од директорка, кадар на Александар Наумовски од СДСМ.
Истата фирма, според Наумовски, вели Стоилковски, може да поставува урбана опрема, може да одржува столарија, да врши браварски услуги, да лепи плочки и може да набавува електрична опрема, две машини за перење, две за 25.500 евра и да нема друга фирма заинтересирана за тој тендер.