Стоиљковиќ: Најбрзи вакцини само преку Србија, отстапени уште 90.000 дози за Македонија
Во овој момент брзо да добиеме вакцини можеме само од Србија, затоа треба да се изврши притисок врз власта да побара од Србија да ѝ отстапи одредено количество – рече Стоиљковиќ.
Србија ѝ понудила на Македонија да ѝ отстапи уште 90.000 дози од кинеската вакцина и солидна количина вакцини од руската „Спутник V“, изјави претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, во гостување синоќа на ТВ Сител.
Тој рече дека на негова иницијатива српскиот претседател Александар Вучиќ се согласил да се отстапи одредена количина вакцини за Македонија, и дека за тоа го известил премиерот Зоран Заев, кој, пак побарал гаранција за испораката.
– Владата треба да реши дали ќе ги прифати овие вакцини, а Србија треба да побара дозвола од производителот за да отстапи одредена количина на друга земја. Јас сум уверен дека ќе се добие таа дозвола – рече Стоиљковиќ.
Тој рече дека Србија рано се пријавила за сите вакцини и затоа ги добила меѓу првите земји, како и дека цената по која ја добила кинеската вакцина е пониска од таа на меѓународниот пазар.
– Во овој момент брзо да добиеме вакцини можеме само од Србија, затоа треба да се изврши притисок врз власта да побара од Србија да ѝ отстапи одредено количество – рече Стоиљковиќ.
Тој самиот најави дека ќе се вакцинира следната недела со руската вакцина.