Наместо сите расположливи средства да се стават на можност за користење за побрзо справување со ситуацијата со коронавирусот општина Ѓорче Петров во ек на најголемата здравствена и економска криза склучува договор за нови привремени вработувања во износ од 10.999.960 денари или скоро 180.000 евра пари на граѓаните кои наместо да бидат алоцирани да го заштитат нивниот живот од вирусот, ќе легнат во џебовите на партиските војници на СДСМ и на кликата на Александар Наумоским, реагира Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– Во договорот што можете да го видите зад мене ќе видите дека овие средства, 10.999.960 денари кои ќе бидат потрошени за привремени партиски вработувања може да бидат искористени за дезинфекција на улиците, училиштата и градинките, јавните површини, местата каде што се даваат административни услуги, а каде што се собираат многу луѓе, може бесплатно да се дезинфицираат влезовите на зградите, може да се направат уште многу нешта кои што би го спречиле ширењето на овој вирус. Крајно расипнички и недомаќински, а и опасно по животот на граѓаните е да потпишувате договори за привремени вработувања од скоро 11 милиони денари за вработување на партиски пајташи на СДСМ кога во буџетот на државата ви недостасуваат над 2 милијарди евра, а во исто време 15.000 угостители да останат без работа, редиците за одјава пред агенцијата за вработување се се поголеми, а бројката на вкупно загубените работни места да биде скоро 160.000 луѓе – вели Стојаноски.