Стојаноски: И Бирото за јавни набавки укажува дека криете единечни цени на склучени тендери (ВИДЕО)
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ очекува реакција на Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да реагираат на непочитувањето на зоконот за јавни набавки од страна на државните институции, јавните претпријатија и општините.
Дел од институциите кои се водени од кадри на СДСМ ги кријат единичените цени во тендерските постапки и со тоа го кршат Законот и фрлаат сомнеж за злоупотреби, тврди пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски и побара реакција од Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство.
Тој на денешната прес конференција објави допис на бирото за јавни набавки до државните институции во кој ги опоменува дека некои од нив по склучување на договорите кои се резултат на тендерската постапка не ги прикачуваат поединечните цени по ставки.
Изминатите денови ВМРО-ДПМНЕ објави милионски тендери на Град Скопје и општините на кои се градоначалници Петре Шилегов, Златко Марин, Стефан Богоев, Саша Богдановиќ, потоа на министерството за транспорт и врски и на Државни патишта по кои не се објавени поединечните цени на страната на Бирото за јавни набавки.
– Што кријат овие функционери и зошто го прекршиле Законот за јавни набавки и неговиот чл.70 ст.3?Дали зад необјавувањето на единечните цени се крие можно прикривање на преплатени производи и услуги како случајот во Аеродром, каде видовме како Златко Марин платил 250 евра за обрач за кош и 300 евра за корпи? Или набавката на противпожарното возило со скала на Петре Шилегов, кое го платил по цена двојно поскапа од тоа што Град Загреб платил за идентично такво возило? Дали преку прикривање на единечните цени со нивно необјавување власта крие злоупотреби?- прашува Стојаноски.
Претеникот потсети на законската обврска институции при завршен јавен тендер да ги објават единечните цени, а доколку тоа не го сторат, Бирото за јавни набавки може да ги блокира.
– Очекуваме Бирото за јавни набавки да постапи согласно Закон и да ги блокира овие институции, а ДКСК и ЈО да отворат случаи веднаш – рече Стојаноски.