Парламентот не е компанија туку институција која работи согласно Устав, закони, деловник и ние се наоѓаме во специфична ситуација. За да работиме онлајн треба да се менуваат сите акти. Како ќе разграничиме отсутни поради корона и отсуство поради други причини. Тоа воопшто не е едноставно како што се зборува или изгледа. Дополнително има и тенко мнозинство и сето ова се користи како параван. Кај тенкото мнозинство лежи сѐ, тука е поентата – рече Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ на гостувањето на телевизија Телма.
Според неа ако се тргне во оваа насока ќе има многу проблеми.
– Многу е поразлично да се работи со физичко присуство во Собранието, отколку онлајн. Тука е и прашањето дали секој може да се вклучи онлајн. Вака како што сме почнале, имаме нефункционално Собрание, до каде ќе оди ситуацијава, нели беше важно да има функционални институции – кажа Стојаноска.
Таа посочи дека власта е таа која треба да си обезбеди мнозинство во Собранието, а не дека опозицијата ја опструира работата на парламентот.
– Мислам дека има и кривична одговорност ако се прекршат правилата предвидени за болни од коронавирусот. Ако некој е позитивен оди во изолација и нема тука простор за изнаоѓање на решение за доаѓање и слично – рече Стојаноска.
Таа укажа дека на координациите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сѐ функционира по сите протоколи со дистанца, распоред со договорено присуство и слично.