Стојаноска: ЈО две години го штити и не презема ништо против Ден Дончев
Според неа, Дончев, спротивно на закон, во два наврати, еднаш во 2018 и втор пат во 2019 година, се стекнал со 50.000 евра и 80.000 долари наизменично.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Јавното обвинителство две години не поведува никакви постапки против поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев со што му овозможи незаконски да се стекне со 2 милиони евра.
– Целиот државен систем на Зоран Заев и ЈО на Вилма Русковска е ставен во функција на штитење на криминалот на Ден Дончев. Финансиските институции за истрага и прогон и ЈО со години не смеат да процесуираат предмет против главниот играч на Заев – Дончев иако медиумите објавија аргументи дека Дончев, спротивно на закон, во два наврати, еднаш во 2018 и втор пат во 2019 година, се стекнал со 50.000 евра и 80.000 долари наизменично. Аргументите и доказите кои ги посочуваат медиумите се очигледни. Дончев се стекнал со десетици илјади евра на нелегален начин – рече на прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа обвини дека од институциите две години немало и сѐ уште нема никаква реакција иако Дончев направил четири кривични дела и преку посредници годишно земал и до 2 милиони евра од приватни фирми кои имаат соработка со ФЗОМ, но и за рекет врз Вера Иванова сопственичката на Диамед.