СТОЈАНЧЕ ТВРДИ ДЕКА БИЛ ПРИСИЛЕН ДА ПРИЗНАЕ ВИНА, НЕ ПРИФАЌА ДЕКА ЈА НАВЕЛ СОПРУГАТА ДА СЕ САМОУБИЕ Ја префрли вината врз сведокот Мартин Саздов
Судот констатира дека признанието на вина за двете кривични дела не е дадено доброволно од страна на Стојанче Јовановски и не ја прифати изјавата за признание на вина.
Стојанче Joвановски се изјасни за виновен за тоа дека ѝ нанел физички повреди на сега починатата сопруга Ивана, но не се чувствува виновен за наведување на самоубиство, но Судот констатира дека признанието на вина за двете кривични дела не е дадено доброволно и не ја прифати изјавата за признание на вина.
Обвинителката Адела Бојчевиќ во воведниот збор го појасни обвинителниот акт што му се става на товар на Јовановски.
– На 2 март 2026 година, во временски период од 11 до 12.30 часот на повеќе локации во Скопје, со умисла, при вршење семејство насилство телесно ја повредил Ивана Јовановска. Откако се сретнале пред училиштето Нова ја удирал со шлаканици. Со него бил Мартин Саздов, па Стојанче ѝ се обратил со погрдни зборови и пак ја удирал. Сведокот се обидел да го оттргне, ама тој продолжил да ѝ удира шлаканици. Влегле во возилото на Саздов, се упатиле кон Кривичен, каде ѝ се обратил со зборовите: „Ќе те убијам“, па се свртел кон задното седиште, ја удирал со шлаканици и со тупаници, почнал да ја дави, по што Ивана се онесветила. Саздов застанал на Партизанска да види дали е жива, Стојанче рекол: „Остави ја, глуми, ништо не ѝ е. Гледај ќе ѝ го земам телефонот, ќе стане.“ Потоа продолжиле кон судот, каде пак ја тепал, ѝ направил три крвни подливи – реле Бојчевиќ објаснувајќи дека овие податоци се однесуваат на првото дело за кое се суди Јовановски, а тоа е Телесна повреда.
Второто кривично дело Загрозување на сигурноста, обвинителката го допрецизира со зборовите „со намера да ја вознемири и заплаши“.
– На 2.03.2026 на паркинг зад Кривичен, ѝ се заканувал на Ивана дека ќе посегне по нејзиниот живпт и тело. Ѝ рекол: „Ќе те уништам, нема Катја да ја видиш, ќе одам во затвор, ќе излезам, ќе те уништам“. Ѝ рекол да се оди со такси, ама Ивана не отишла. Тргнале кон основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, каде ја земале Катја. Стојанче ѝ рекол на Ивана: „Оди да се спакуваш, ќе видиш што ќе ти направам“ – го цитираше обвинението Бојчевиќ.
Во врска со третото дело Наведување на самоубиство и помагање на самоубиство, обвинителката наведе дека во периодот од 2023 до 2026 на јавни места пред сведоци, како и дома на улицата Теодосиј Гологанов 96, стан во сопственост на обвинетиот, обвинетиот сурово и нечовечки постапувал кон оштетената Ивана, која била во подреден однос и во егзистенцијала зависност кон обвинетиот, па Ивана извршила самоубиство, кое му се припишува на небрежност на обвинетиот.
– Во 2023 ја натерал да му го препише идеалниот дел од заедничкиот стан, а да остане да живее во него, заедно со детето по што, сѐ почесто и посурово ја тепал, пред ќерката, на јавни мета пред сведоци и дома, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од дома и ќе ѝ ја одземе ќерката. На 2.03.2026 продолжило насилството, ѝ се заканувал дека нема да ја види ќерката, дека ќе ја исфрли од станот, навредувајќи ја и постојано викајќи ѝ погрдни зборови. На 2.03. 2026 кога стигнале пред зградата Ивана сакала да се качи сама со Катја, за да се спакува ранец за себе и за детето и да оди кај мајка ѝ, ама Стојанче не дозволил и тој се качил со неа, заедно со Саздов, па продолжил да ја малтретира, да ѝ вели „ќе те исфрлам од станот, ќе ја сменам бравата, ќе видиш со кого си фатила работа.“ Потоа се симнале со Мартин Саздов пред зградата за да ги почекаат. Под вакви околности, сурово и нечовечко постапување, Јованоски создал чувство на страв и безнадежноост, без да ги контролора своите постапки, Ивана скокала од станот со малолетното дете Катја, при што двете паднале на бетонска подлога, од што им се повредиле важни витални центри и од што двете починале. Иако ова дело е означено како наведување и помагање во самоубиство (член 128), ова дело има повеќе облици, а ставот 4, кој му се става на товар на обвинетиот, е посебен облик, односно, последицата, самоубиството, е сторено од небрежност, односно, обвинетитот не ја наведувал директно оштетената на самоубиство, туку со континуирано и интензивно сурово и нечовечко постапување создал состојба која довела до трагичната последица – објасни обвинителката.
Стојанче рече дека ги разбира првите две дела за кои е обвинет, ама третото дело не го разбира. Судијата му го прочита пак, па Стојанче рече дека го разбрал.
– Се чувствувам виновен за телесната повреда, за другото не. Таа мене ме изневеруваше, се работи за неверство – рече Стојанче.
Почна да плаче, рече дека никој не сака да го сослуша. Почна да липа и неразбирливо да зборува. Судијата го прекина и му објасни дека мора да се изјасни за сите три дела.
– Мартин Саздов ја наведе да се самоубие – рече и пак почна да плаче. Рече дека се чувствува виновен за првите две дела, а за третото не.
– Мартин ѝ се закануваше цело време, ѝ рече оди фрли се под воз, неговите зборови ги става во моја уста. Не можам да се смирам, Мартин Саздов ми го упропасти семејството – рече со тешко липтање Стојанче, видно вознемирен.
Зборуваше неразбирливо, судијата го испрати надвор да се напие вода и да се смири. Потоа судијата Ивица Стефановски му рече да се изјасни без плачење, и го праша дали дава признание за првите две кривични дела, а за третото не. Стојанче потврди.
Судијата прочита дека ги признал делата Телесна повреда и Загрзување на сигурноста, во време и на начин како што се опишани во обвинението, а дека не се чувствува виновен за Наведување на самоубиство и помагање на самоубиство.
– Судот, пред да ги прифати вашите признанија, треба да се увери дека ги давате со полна свест, дека ќе се донесе пресуда и ќе ви се изрече казна и нема да имате право во текот на постапката да давате докази за тие две дела. За овие две дела нема да се изведуваат докази. Оштетените ќе бараат надомест на штета. На вас ќе бидат трошоците за постапката – рече судијата.
– Свесен сум за правните последици. Доброволно и свесно го давам признанието за вина – рече Стојанче.
На прашање дали некој му се заканувал за да даде признание на вина, Стојанче потврди и рече дека му се заканувал Мартин Саздов. Тој рече дека никој не му ветил ништо за да признае вина.
На прашање дали неговата здравствена состојба влијае за признавање на вина, тој рече дека го држат во самица и дека не му е стабилна психичката состојба.
– Барав да одам на психијатар, ме внесоа еднаш и ме вратија. Сѐ уште ме држат во самица – рече Стојанче.
На прашање дали имал доволно време за средби со адвокатите за да ја подготви одбраната, тој негираше.
Јовановски рече дека испратил молба со барање да се спроведе редовна постапка, а не скратена, во која ќе се изведуваат докази, оти не можел да ја издржи неправдата што му е нанесена, како што рече, и бара да се брани.
– Останувам на молбата за редовна постапка, во која ќе се изведуваат докази за третото кривично дело. Молбата ја напишав со цел да се докаже дека за целата ситуација е виновен Мартин Саздов, кој за сите три дела ме наведуваше да ги сторам и имам докази. Да ја тепам сопругата и да ја загрозам. Тој ме натреа да ги оставам сами горе кога се качивме – рече Стојанче.
Судот констатира дека признанието на вина за двете кривични дела не е дадено доброволно и не ја прифати изјавата за признание на вина.
– Судот не го прифаќа признанието бидејќи обвинетиот наведе дека сведокот Мартин го присилувал и му се заканувал да даде изјава за признание за вина на кривичните дела – рече судијата Ивица Стефановски.