СТОЈАНЧЕ ОБВИНЕТ ДЕКА ЈА ДОВЕЛ ИВАНА ДО САМОУБИСТВО Ѝ го одзел станот, ја тепал, ја бркал од дома…

Обвинителството тврди дека долгогодишно психичко и физичко насилство ја довело жената до очаен чин, во кој животот го загуби и нивната шестгодишна ќерка.

1,248

Обвинение е покренато против Стојанче Јовановски, кој се товари дека со долгогодишно психичко и физичко насилство ја довел сопругата Ивана Јовановска до трагичниот чин – скок од шести кат заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.

Според обвинителството, Јовановски ќе одговара за повеќе кривични дела, меѓу кои семејно насилство со нанесување телесни повреди, загрозување на сигурноста, како и наведување и помагање во самоубиство.






Истражните наоди укажуваат дека на 2 март, на неколку локации во Скопје, обвинетиот физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што таа во еден момент изгубила свест. Подоцна, на паркинг зад Основниот кривичен суд, ѝ упатил сериозни закани по живот, со што дополнително ја зголемил нејзината вознемиреност и страв.

Обвинителството тврди дека малтретирањето траело подолг период. Ивана, која била во фактичка и егзистенцијална зависност од сопругот, трпела понижувања, тепање и закани, често и во присуство на нивната ќерка. Насилството се засилило особено во текот на 2025 година.

На критичниот ден, по нови закани и напади, таа се вратила дома со детето со намера да се спакува и да замине. Но, психичката состојба во која се нашла – исполнета со страв, безнадежност и чувство дека нема излез – довела до трагедијата. Таа скокнала од терасата на станот на шестиот кат, заедно со малолетната Катја.

Во текот на истрагата, на Јовановски двапати му бил одреден 48-часовен притвор, по што му бил изречен и осумдневен притвор. Обвинителството сега бара мерката да продолжи, поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилничко однесување.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста и повторно го отвори прашањето за заштитата на жртвите од семејно насилство и навремената институционална реакција.

Поврзани содржини