Стевановиќ: Секој треба да се вакцинира, независно дали прележал ковид-19

544

Директорката на Клиниката за Инфективни болести и фибрилни состојби Милена Стевановиќ вечерва нагласи дека вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција, посочувајќи дека лицата треба да се вакцинираат независно од тоа дали прележале ковид-19 и каква била клиничката слика во текот на боледувањето.

– Вакцинацијата мора да се случи независно од прележаната болест како и независно од тежината на прележаната болест. Колкаво ќе биде времето до вакцинација? Колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, тоа е најмалку еден месец после заздравувањето. Секако дека овие пациенти ќе имаат имунитет најмалку шест месеци. Ние ги гледаме најкратките возможни рокови, повторно со предострожност да ги заштитиме пациентите – рече Стевановиќ во вечерашното гостување на вестите на Сител ТВ.






Таа истакна дека она што е најзначајно е лицата кои прележале да бидат вакцинирани и при тоа сите тие информации врзани со вакциналниот процес, со вакцините, било која од вакцините кои ни се расположливи во државата, да ги слушаат од белите мантили и нивните сугестии.

– Сите социјални мрежи не се извор на медицински професионални информации. Навистина апелирам да се следат упатствата издадени на вакциналните пунктови, како и од Министерството за здравство. Повторно со цел тоа биде комплетно и соодветно вакцинирање, а не базирано на непроверени извори, во смисла на која вакцина, колку дози, дали некој треба или не треба, дали е паметно или не е паметно. Во овие ситуации во пандемиски размери на проширена инфекција навистина нема тука многу дилеми, освен еден и единствен извор на информации кој треба сериозно да се следи – потенцираше Стевановиќ.

Таа потсети дека ниту една вакцина не може да покрие стопроцентна заштита од одредена инфекција и развој на болест, но она што може да го направи е да го заштити човекот од исклучително тешки клинички слики и најнепосакувани исходи од болеста, смртните исходи.

– Вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција Ние денеска сведочиме во ова време на комплетно искоренување на на одредени болести, така и за Ковид-19. Вакцинацијата е таа од која очекуваме највеќе, заклучи Стевановиќ.

Поврзани содржини