Стејт департмент: Пресудата за „Рекет” испраќа важна порака дека корупцијата нема да се толерира
Овој случај става јасно до знаење дека злоупотребата на јавна функција за лична корист ќе биде казнета соодветно - рече портпаролот
Пресудата за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и за шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13, испраќа важна порака дека корупцијата нема да се толерира, рече портпаролот на Стејт департмент, во изјава за Гласот на Америка.
– Овој случај става јасно до знаење дека злоупотребата на јавна функција за лична корист ќе биде казнета соодветно – рече портпаролот, велејќи дека одблизу го следат овој случај.
Додаде дека „фер и непартиско менаџирање на судството е суштинско за иднината на Северна Македонија”.
Катица Јанева денес беше неправосилно осудена на 7 години затвор за Злоупотреба на службената положба и овластувања, додека Боки -13 е неправосилно осуден на затворска казна од 9 години, за примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари во случајот „Рекет“.