СТЕ ИСПРАТИЛЕ БАРАЊЕ ДО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА, ЌЕ ВЕ ОДБИЕ ЧАТ-ЏИ-ПИ-ТИ!? Ирска невладина ја фати ЕК во мамење

Со ваквата пракса Еврокомисијата ги крши сопствените упатства, кои забрануваат користење на содржини генерирани од вештачка интелигенција во нејзини јавни документи, посочува ирската невладина организација, која тврди дека добила негативен одговор од ЕК за пристап до документи, целосно или делумно генериран од вештачка интелигенција.

216

Невладината организација Ирски совет за граѓански слободи (ИЦЦЛ) поднесе жалба до Европскиот омбудсман, во која ја обвинува Европската комисија дека го користи Чат-Џи-Пи-Ти при изработка на одговори на одредени барања.

Советот тврди дека метаподатоците во документ што го добил како одговор од Еврокомисијата укажуваат на користење на генеративна вештачка интелигенција за составување делови од него.






Во жалбата се додава дека со ваквата пракса Еврокомисијата ги крши сопствените упатства, кои забрануваат користење на содржини генерирани од вештачка интелигенција во нејзини јавни документи.

– Неодамнешен одговор од Европската комисија на наше барање за пристап до документи, откри дека не само што претседателката на Комисијата ги повторува зборовите на извршни директори од технолошкиот сектор, туку и дека Комисијата употребува генеративна вештачка интелигенција за изработка на јавни документи, посочува Ирскиот совет.

Според организацијата, одговорот вклучувал четири линкови, од кои барем еден бил генериран со користење на Чат-Џи-Пи-Ти.

– Овој линк вклучува „utm_source=chatgpt.com“ што ја открива веб-страницата која ја генерирала содржината. Не е јасно дали другите делови од одговорот ги реплицираат резултатите од генеративната вештачка интелигенција и дали е вообичаена практика во Комисијата да користи генеративна вештачка интелигенција, се додава во документот.

Организацијата посочува дека овие генеративни системи на вештачка интелигенција понекогаш даваат точни, но понекогаш може да достават и погрешни информации.

– Институциите на ЕУ имаат должност да обезбедат точни информации. Со потпирање на „генератори на глупости“, ЕУ би можела да ја прекрши својата обврска од договорите, што предвидува дека на граѓаните треба да им обезбедува право на добра администрација, посочува Советот.

Во документот се додава дека со ваквата употреба на генеративна вештачка интелигенција Комисијата ги прекршила сопствените упатства до персоналот за начинот на употреба на онлајн алатки базирана на вештачка интелигенција, во кои се вели дека „вработените никогаш не треба директно да го пренесуваат резултатот од генеративен модел на вештачка интелигенција во јавни документи“.

Канцеларијата на европскиот омбудсман за „Еурактив“ потврдила дека ја добила жалбата на ирската невладина организација и дека се проценува дали да биде покрената формална истрага за случајот.

Од друга страна, Европската комисија соопшти дека нејзините упатства за персоналот се од интерен карактер и одби да ги коментира тврдењата на Ирски совет за граѓански слободи.

Поврзани содржини