СТАРТ НА ИЗБОРНАТА ТРКА Кој, каде, со кого и против кого на локалните избори?

Неизвесноста е голема, но она што уште сега е извесно е дека распоредот на политичките сили во локалните заедници после овие избори ќе биде битно изменет.

1,067

Од утре, понеделник 27 септември, почнува кампањата на партиите и на независните кандидати за локалните избори 2021 година. СДСМ почнува од Битола, ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, ДУИ од Гостивар, Алијанса на Албанците – Алтернатива и Беса од Скопје. Кампањата ќе трае 20 дена, до 15 октомври на полноќ.

Поради пандемијата, активностите на учесниците во изборите и претставувањето на програмите во најголем дел ќе се сведат на неформални средби со граѓаните и на поголема застапеност на социјалните мрежи.






Во градоначалничката трка ќе учествуваат 301 кандидат, од кои 26 се жени. На советничките листи, пак, од вкупно потврдени 567 листи за советници, мажите се застапени со 55,99 отсто, а жените со 44,01 отсто.

Најмногу кандидати за градоначалници има за Скопје – 12, две жени, двајца адвокати, двајца музичари, хирург, бизнисмени. Поднесени се 18 листи за советници на политички партии, коалиции и независни групи. Најголем дел од кандидатите за советници се на возраст од 36 до 45 години.

Во другите градови најмногу кандидати за градоначалници и за советници се поднесени за Струга, Битола, Куманово и за Прилеп.

На 17 октомври ќе може да гласаат 1.824.864 граѓани. Во посебните извори на списокот се наоѓаат 82.461 лице кои се на привремена работа или престој во странство, 1.899 лица кои се на издржување затвор или се во притвор, 351 гласач во вонсемејно сместување и 6 раселени лица.

За прв пат овие избори ќе се спроведат со употреба на терминали за читање отпечатоци од прсти.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во клинч

Караванот на владејачкиот СДСМ, под мотото „Најдоброто за мојата општина“ тргнува од Битола. Централниот настан е закажан во 20.00 часот, откако претходно караванот ќе биде и со граѓаните на Демир Хисар. Во вторник караванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода, по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Караванот своите активности ќе ги заврши на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.

Последната анкета на која се повикуваат социјалдемократите е она на агенцијата „Брима“ (која не е познатата „Брима Галуп) и во кое СДСМ вози со 19,8 отсто пред СДСМ со 17,7 отсто, ДУИ со 7,5 отсто, Алијанса на Албанците со 5,6 отсто, БЕСА со 4,6 отсто и Левица со 3,3 отсто.

Најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ го промовираше изборниот слоган „Создади нова иднина – промени, проекти, победи“ и насловот „Гарантираме“. Нејзината кампањата ќе почне традиционално во Охрид, со промоција на сите кандидати за градоначалници.

Битката за Скопје

На последната теренска анкета што ја нарачала партијата, спроведена од 23 август до 3 септември, води ВМРО-ДПМНЕ со 18,9 отсто пред СДСМ со 14,4 отсто и Левица со 6,9 отсто. Во албанскиот блок води ДУИ со 5,5 отсто пред Алијанса на Албанците и Алтернатива со 4,9 отсто. За градоначалник на Скопје, води Данела Арсовска, независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, со 41 отсто, пред Петре Шилегов од СДСМ со 27 отсто од гласовите на испитаниците.

Битката за Скопје ќе биде клучна за исходот на изборите, велат познавачите. Додека во последните два месеца Шилегов водеше „багерска кампања“, за да докаже дека Скопје под негово водство сепак е „една поинаква приказна“, ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го бомбардираат со скандали, за кои СДСМ, пак, тврди дека се фабрикации. Битно за исходот во Скопје се и општинските натпревари, каде што, се чини, состојбата е неизвесна.

Битка на коалиции

Битен фактор за крајниот резултат на локалните избори се предизборните коалиции. СДСМ брзо истрча со предизборна коалиција со ДУИ, но ВМРО-ДПМНЕ возврати со предизборна коалиција со Алијанса на Албанците и Алтернатива. Мицкоски отворено кажа дека ќе побара симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ уште во првиот круг да гласаат за кандидатот на Алијанса за Албанците и на Алтернатива во Чаир, Тетово, Сарај, Студеничани и во другите општини каде што ВМРО-ДПМНЕ нема да има свој кандидат.

Поради ова, но и поради некои други околности (трагедијата во Тетово, на пример), жестока битка ќе се води и во некои до сега традиционални упоришта на ДУИ – во Тетово, во Кичево (каде што шанси има кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ) и во Струга, но и во некои други општини.

ДУИ е сериозна партиска „машина“ и треба да се очекува дека во кампањата таа ќе забревта под полна пареа. Не е случајно што партијата на Али Ахмети кампањата ќе ја почне од Гостивар и ќе ја заврши во овој град. Таргет е упориштето на Арбен Таравари од Алијанса на Албанците. ДУИ на локалните избори ќе настапи со промовираните Зелена агенда, Дигитална агенда, Агенда за вклучување на граѓаните, Агенда за отворени врати и Агенда Нулта толеранција, но никој не треба да се залажува дека интегративците на терен ќе бијат салонска битка.

Левица ќе си ја потврди силата

Партијата Левица на радикалниот Димитар Апасиев ќе биде изненадувањето на овие локални избори, велат аналитичарите. Во најоптимистичките прогнози се вели дека оваа партија на изборите ќе освои 100.000 гласови, што ќе се смета за огромен успех. Но, никој не се осмелува да предвиди дека скорот Апасиев на овие избори ќе биде под 60.000 до 70.000 гласови, што исто така ќе биде извонреден резултат и потврда дека Левица веќе се етаблира на политичката сцена како трета политичка сила во македонскиот политички блок.

Што ќе значи тоа за градоначалничката трка не може да се предвиди, бидејќи засега градоначалничкиот кандидат на оваа партија за Скопје, Перо Камиказа, е воздржан.

Шанса за независните

Второто големо изненадување на овие озбори ќе бидат независните кандидати. Битката за традиционалното сдсмовски упориште Куманово ќе биде мошне интересна, бидејќи таму за фаворит се смета Максим Димитриевски, кој откако ја објави својата кандидатура за независен кандидат беше експресно исклучен од СДСМ. Познавачите велат дека Максо е сигурен патник за вториот изборен круг, во кој има добри шанси да ги победи своите противници и од лево и од десно. Тој, пак, се надева на победа уште во првиот круг.

Вториот независен кандидат со големи шанси за успех на локалните избори е Данела Арсовска, која ја има отворената поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Во некои анкети бројките се на нејзина страна и таа е голем оптимист. Се разбира, Петре Шилегов исто така е оптимист и ветува победа, но малку зачуди тоа што неговиот партиски шеф најави дека на Шилегов во вториот круг на припомош ќе му дојдат и гласовите од кандидатката на иницијативата Зелен хуман град, Ана Петровска, што таа го демантираше.

За целокупниот исход на битката во Скопје е важна и битката во Карпош, која стана многу понеизвесна откако поранешниот градоначалник Стевче Јакимовски објави независна кандидатура за градоначалник.

Македонија ќе се промени

Независните кандидати имаат добри шанси за освојување и на неколку други градоначалнички фотелји во помалите општини, но и многу места во општинските совети. Така, на пример, добри резултати се очекуваат од листата што ја предводи Габриела Илиевска во Битола, од листата „Охрид пред сè“ во Охрид, како и од неколку листи во скопските општини и во други градови во земјата.

Неизвесноста е голема, но она што уште сега е извесно е дека распоредот на политичките сили во локалните заедници после овие избори ќе биде битно изменет. И секако, извесно е дека ќе ни се потврди традицијата ден после секои избори да имаме повеќе победници. И така ќе биде барем некое време, додека не се направат сериозни постизборни анализи.

 

 

Поврзани содржини