Старото Матично стана Младински центар

Младинскиот центар „Матично“ располага со голема конференциска сала, која ќе се користи за одржување едукативни, културни и забавни настани. Центарот ќе има и читална, како и соба за релаксација (chill zone) која ќе биде опремена со lazy bags, маса за фудбалче, пикадо, пинг – понг маса и други забавни содржини

382

Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска го пуштија во употреба новиот Младински центар „Матично“, сместен во објектот на поранешната управа за водење матични книги, на улицата Михаил Цоков. Станува збор за култен објект на кој му беше неопходна целосна реконструкција, а сега прераснува во младински центар во кој различни младински и извиднички организации, но и неформални групи ќе можат да ги реализираат своите едукативни и културни активности, информираат Градот и Општината.

– Иницијативата за овој проект дојде токму од младите од општината Центар што е доказ за инклузивноста што сакаме да ја внесеме во секој сегмент од општеството. Станува збор за еден од култните објекти во нашиот град, објектот на „Матично“ што 52 години не беше реновиран, а сега може да го видиме во едно сосема поинакво и поубаво светло. Она што мене ме радува е што прифатената иницијатива од младите е доказ како со интеринституционална соработка можеме и од нешто што било руинирано да создадеме квалитет повеќе. Тука пред се мислам на соработката што ја остварија Владата на Република Северна Македонија и Општина Центар со доделувањето на овој објект на трајно користење на Општината, внесувањето на разни организации и донаторска помош која беше дел од овој процес, како и индиректната помош којашто Градот Скопје и ја дава на Општината Центар, особено во реализацијата на програмите што се однесуваат на младите луѓе во нашата држава – рече градоначалникот Шилегов.






Младинскиот центар „Матично“ располага со голема конференциска сала, која ќе се користи за одржување едукативни, културни и забавни настани. Центарот ќе има и читална, како и соба за релаксација (chill zone) која ќе биде опремена со lazy bags, маса за фудбалче, пикадо, пинг – понг маса и други забавни содржини. Дворниот простор ќе биде хортикултурно уреден и ќе биде поставена урбана опрема. Просторот е конципиран согласно европските стандарди, ќе биде целосно инклузивен и овозможува пристап за лицата со посебни потреби.

– Горд сум што Центар е прва општина во државата со свој младински центар и што први ја исполнивме оваа обврска предвидена во Законот за младинско учество и младински политики. Ова е особено драг проект за сите нас, бидејќи сметам дека успеавме да создадеме автентичен простор кој на младите ќе им понуди одлични услови за дружење, едукација и забава. Матично останува симбол на градот, но еден нов, модерен и прогресивен симбол – изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.

Општината ќе распише јавен повик за користење на центарот, на кој ќе може да се пријават сите младински организации на ниво на општина Центар. Младинскиот центар „Матично“ е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“. Вкупната инвестиција за реконструкција на објектот изнесува речиси седум милиони денари, а 83 отсто од средства се обезбедени од Општина Центар. Донатор на проектот е Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC), додека спроведувач е Програмата за развој на обединетите нации (UNDP).

 

 

Поврзани содржини