СТАРОМОДНИОТ БАНКАРСКИ СИСТЕМ ЌЕ НÈ СПАСИ ОД АМЕРИКАНСКО ФИНАНСИСКО ЦУНАМИ Гошев смета дека може да страда само нашата трговска размена со светот
Единствено нашата и така заслабната економија од актуелната криза, може да има негативни ефекти со тоа што ќе бележи намалена трговската размена со светот, ако економиите со кои тргуваме бидат зафатени од евентуалната нова финансиска криза и почнат да бележат намалена економска активност. Така беше и во 2008 година кога имавме пад на трговската размена од 30 отсто, вели Гошев.
Пропаѓањето на банките во САД нема да има влијание на македонскиот банкарски и финансиски систем, но евентуалното проширување на кризата би можело да има негативен ефект на нашата економија преку намалување на трговската размена доколку економиите со кои соработуваме бидат зафатени од кризата, вели поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев.
Ист став има и Народната банка која банкарскиот систем е заштитен со тоа што, нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки.
Нашите банки работат на конзервативни принципи
Гошев вели дека земјава има среќа што има неразвиен банкарски и финансиски сектор, што во случајов е одбрана од реакција на случувањата во САД.
– Тешко е да се каже што ќе се случува, но можам да кажам дека нема директни линкови за негативни ефекти врз нашиот финансиски и банкарски систем од пропаѓањето на банките во САД. Нашите банки работат на конзервативни принципи, што е позитивната страна од развојната заостанатост на нашиот банкарски систем, и директен ефект врз банките нема да има. Тоа беше спасот за време на финансиската криза од 2007, 2008 година кога таа криза не дојде до нашите банки, а така е и сега. Единствено нашата и така заслабната економија од актуелната криза, може да има негативни ефекти со тоа што ќе бележи намалена трговската размена со светот, ако економиите со кои тргуваме бидат зафатени од евентуалната нова финансиска криза и почнат да бележат намалена економска активност. Така беше и во 2008 година кога имавме пад на трговската размена од 30 отсто – вели Гошев.
И од Народната банка велат дека нема опасност за домашниот банкарски систем од случувањата во САД.
Народна банка уверува дека нема да биде зафатен нашиот банкарски систем
– Овој настан во финансискиот систем во САД нема да има директни ефекти врз домашниот банкарски систем од повеќе причини. Прво, нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки. Понатаму, нашите банки се во одлична кондиција, со високо ниво на капитал, ликвидност и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. И на крајот, што е многу важно во овој случај, нашиот банкарски систем воопшто не се потпира на деловниот бизнис модел, којшто е всушност причина за пропаѓањето на американската банка – велат од Народна банка.
И од Централната банка велат дека традиционалниот деловен модел на нашите банки, кој е фокусиран на кредитирање на фирми и граѓани, при стабилни извори на финансирање е добар во вакви кризи.
– Ова е многу поинаку од деловниот модел, којшто е една од клучните причини за пропаѓањето на американската банка. Тој модел се базира на висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувања во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60% од вкупната актива на Банката на Силиконската долина). Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање во која депозитите учествуваат со 84% во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на население. Овие средства доминантно се пласираат во кредити на нефинансиски лица кои учествуваат со 60% во вкупните средства на банките и коишто имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност, кои се издадени од нерезиденти, е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1%. Оттука, пропаѓањето на оваа банка нема да има никакви директни последици на нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и неговиот бизнис модел и природата на ризиците на кои е изложен. Дополнително, прометната реакција на американските власти, со којашто се минимизираат евентуалните системски ризици, исто така оди во прилог на ограничени ефекти врз глобалниот финансиски систем и врз нашата економија – велат од Народна банка.
Од Народна банка уверуваат дека се заштитени и ИТ компаниите.
– Согласно со домашната законска регулатива, домашните правни и физички лица, освен за одредени специфични потреби, кои се точно определени со законската регулатива, не може да имаат сметки во странски банки – појаснуваат од Народна банка.
САД ќе преземат сè за да спречат натамошни банкроти
Гошев не верува дека настаните во САД ќе го потресат глобалниот банкарски сектор како што беше во 2008 година, но како што вели, сè ќе зависи од мерките кои САД ќе ги преземат за спречување на банкарска паника и спречување на нови банкроти, бидејќи најголемиот непријател на банкарскиот сектор е несигурноста.
– Сепак, останува да се види дали колапсот на овие банки ќе го повлече и останатиот банкарски систем. ФЕД веќе енергично реагираше, а и претседателот Џо Бајден се обиде да ги смири штедачите со изјавата дека „Американците можат да имаат доверба дека банкарскиот систем е безбеден“ и сите клиенти можат „да бидат сигурни дека ќе бидат заштитени и дека ќе имаат пристап до нивните пари“ што е од важност во овој момент, иако е познато дека во можно стампедо на повлекување на парите од банките нема држава која може да ги покрие сите заштеди – вели Гошев.
Според него, пропаста на една од најголемите банки во САД е знак на продолжената криза од 2008 година и слабата банкарска регулатива во САД која е резултат на неолибералниот модел.
– Тоа е знак на банкарската регулатива на САД и продолжен знак за причините за кризата од 2008 година, кои влечат корени во неолибералниот модел на егзоген раст (модел на SOLOW И SWAN) на банките кој го почнаа Роналд Реган и Маргарет Тачер, а го презеде и Бил Клинтон со укинување на законот кој го одвојува комерцијалното од инвестициското банкарство и ги спречува комерцијалните банки да ги користат депозитите во шпекулации. Со еден збор регулативата на САД дозволува банките да се саморегулираат и доведе до состојба да преземаат поголем ризик од дозволеното во банкарството – вели Гошев.
И слободата на банките прави проблеми
По пропаѓањето на 16. по големина банка, алармот за банкарскиот систем на САД е дотолку поголем што 5 најголеми американски банки („Morgan Stanley“, „Bank of America“, „UBS“, „Wells Fargo“ и „Blackrock“), се изложени на ризик кој е двојно поголем од БДП од целиот свет бидејќи имаат капитал за поддршка на деривати двојно поголеми од светскиот БДП.
Прво реагираа берзите на кои падна цената на акциите на банките во САД. Цената на акциите на некои од банките се намалија и за 60 отсто.
И акциите на банките во Европа и Азија, исто така, добија значителен удар. Имаше и реакција на централните банки на земјите во кои има единица на банката Силиконска долина и банки кои соработувале со оваа банка.