Старо-нови проповеди

Секојдневно, а особено во ваквиот постизборен вакуум, „државава“ (или земјава, попрецизно речено) сѐ повеќе наликува на некаква недефинирана територија – tera nullius – низ којашто шетаат такви старо-нови проповедници со нивните нови „вистини“, дополнети со приказни за скорешниот крај ако не сме послушни, за потопот што доаѓа ако не сме умни според нивниот рецепт, за некои нови верници и неверници, за некакви нови закони и договори коишто неверниците во оваа „Недојдија“ не сакаат да ги почитуваат… итн. А во основа нивните проповеди започнуваат и завршуваат со Господ (НАТО) или Ѓаволот (Русија) и кој кому се поклонува.

1,204

Каков и да е односно колку и да е обезвреднет нашиот општ однос кон македонската историја, особено црковната, па и кон луѓе од форматот на светите браќа Кирил и Методиј, инспиративниот молебен на митрополитот Тимотеј на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим ја погаѓа самата суштина: дека „И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас?“

Ние одамна го покривме тој светилник – и не само тој – и го направивме неполезен за нас влепувајќи му ја етикетата непожелен во нашиот „историски“ од кон „новата светлина“ – евроинтеграциите. На тој пат нема место за такви и слични луѓе, Европа и западната „мисла“ не милуваат да ги потсетувате дека многу пред нив, некаде јужно, постоела веќе расцутена цивилизација.






Едни други, покондирени проевропски „проповедници“, голи и боси во умот, прифатија овде да ја проповедаат „новата вистина“ – дека ние сме тука од 1945 година, дека сето што претходело на таа година односно оние повеќе од еден милениум, му припаѓа на некој друг, дека ние сите сме новороденци со една крштеница: онаа од 10 август 1945 година односно прогласувањето на Демократска Федеративна Југославија. И замислете ја лажната дилема на оној/онаа роден(а) на 9 август таа година: што е тој/таа? Не е Македонец/Македонка бидејќи се родил ден порано?!

Секојдневно, а особено во ваквиот постизборен вакуум, „државава“ (или земјава, попрецизно речено) сѐ повеќе наликува на некаква недефинирана територија – tera nullius – низ којашто шетаат такви старо-нови проповедници со нивните нови „вистини“, дополнети со приказни за скорешниот крај ако не сме послушни, за потопот што доаѓа ако не сме умни според нивниот рецепт, за некои нови верници и неверници, за некакви нови закони и договори коишто неверниците во оваа „Недојдија“ не сакаат да ги почитуваат… итн. А во основа нивните проповеди започнуваат и завршуваат со Господ (НАТО) или Ѓаволот (Русија) и кој кому се поклонува.

За разлика од ранохристијанските жестоко посветени но често и сомничави верници-проповедници, па и светите браќа или мудрите богомили, на пример, старо-новиве – испратени од различни „газди“ во земјава „неверна“ – не се сомневаат во ништо и ни ја толкуваат „верата“ и светогледот како дадени еднаш за секогаш од некои виши сили, оние од форматот на „новиот Господ“ и неговиот „архангел“ ЕУ.

Тие ни ја сликаат судбината како безпоговорна помирливост со маките и страдањата, а прифаќањето на диктатот на „вишите сили“ како единствен можен пат што некогаш, не се знае точно кога, ќе нѐ однесе до рајската земја викана ЕУ. Дотогаш, или малку подоцна, ние, како што Сартр говори низ устата на Гец во „Ѓаволот и Господ Бог“, ќе треба да го „набљудуваме светот низ клучалката“, тој ќе ни заличува „на свежо големко јајце во кое секој е на местото што му е определено, само не ние (…). Ние сме останале надвор!“.

Тие ни го нудат тој „светоглед“, таа клучалка како замена за животот овде, иако за себеси и своите семејства намислиле друг пат, и план. Во стилот на Јован Хрисостом, тие ни ги пренесуваат јавните „објаснувања“ на светите доктрини НАТО и ЕУ, на „реалноста“ што ја живееме, на мистериите на геополитиката и нејзините очекувања од нас. Како ние да немаме право на некакви очекувања од нив!?

А всушност, тие – старо-новите проповедници во нивните проповеди – самите ни го одземаат правото на некакви очекувања и (не дај боже) иднина бидејќи тие се овоземниот глас на разумот, баш тие се толкувачите на „реалноста“, душегрижниците за интересите на геополитиката. Тој глас на разумот, таа „нова реалност“ во ликот на некои чудни идоли, како по правило доаѓа од Брисел и Вашингтон. Затоа, впрочем, и нивните проповеди често се диригирани кон тие дестинации, со цел нивните газди да се уверат во нивната безрезервна послушност и посветеност. И да го исплатат договореното!

И оттаму оние сервилни проповеди за некаков „клинец во блокадата на евроинтеграцискиот процес“ и „загриженост кај меѓународните партнери на државата до таа мера за сите да истапат со ургентни реакции и пораки“, или акцентот на едикојси „важен“ Манфред Вебер дека „Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да ги почитува обврзувачките одредби од Преспанскиот договор и доследно да го користи името ‘Северна Македонија’.

Или дека новата претседателка била потсетена од НАТО „со кое име е примена Македонија во членство и како е преставена, односно дека за нив не постои држава ’Македонија’.“ Нивните пораки станаа поважни од пораките на македонските граѓани, нели? И со какво задоволство го чекаат тој фамозен „јубилеен самит на НАТО“ кадешто на новата македонска Претседателката ќе ѝ ги истегне ушите оној излапен Бајден, а Дора Бакојани „колосално“ ќе ужива во глетката!

И со колкаво неописливо уживање овие старо-нови проповедници ги блујат своите проповеди, колку се гледаат горди во бербатењето на новата претседателка кога порачуваат „Сиљановска нека се самоопределува како сака, но кога зборува како претседател треба да го почитува тоа на што се потпишала државата.“ Но, која „држава“, онаа на Заев? Тоа ли е таа држава што толку силно ја посакуваат назад во нивните проповеди? Па нека си направат своја, сосе него (повторно) на чело!

Поврзани содржини