СТАРИОТ ДЕЛ НА ОХРИД БИЛ ОСТРОВ Ќе се трага и кога се појавила елитата во Охридскиот регион
Најверојатно поради катаклизмичен настан, како земјотрес, дошло до спуштање на тлото во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата, објаснува Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија.
Стариот дел на Охрид или антички Лихнидос бил остров во периодот од доцното бронзено време до доаѓањето на Римјаните. Тоа го покажуваат геолошките и археолошките истражувања направени во рамки на петгодишниот проект „Погранични студии, истражувања на идентитетите и културните контакти во пограничниот регион на Античка Македонија“.
Проектот го реализираа Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за класични студии од Карловиот универзитет од Прага, во партнерство со Германскиот археолошки институт, Геолошкиот институт од Прага и Универзитетот од Јужна Бохемија од Чешка, како и Заводот за заштита на културно наледство и музеј од Охрид.
Раководителот на проектот Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија во разговор за МИА појаснува дека со геолошките испитувања во рамнината, односно делот каде што се наоѓа денешниот модерен Охрид, откриле езерски седименти, со што докажале дека тој дел бил поплавен.
– И тоа не е случајно. Кога подоцна размисливме каде се сконцентрирани најголем дел од археолошките остатоци од доцното бронзено време до доаѓањето на римјаните, заклучивме дека тоа е на просторот од стариот дел на Охрид. Населбите и некрополите од античкиот период се наоѓаат баш на тој простор, бидејќи низината била поплавена, односно била дел од езерото. Согласно тоа, заклучивме дека населбите треба да ги бараме на првиот ред ридови во заднината на рамницата каде ги вршевме и ископувањата на локалитетите – истакна Арџанлиев.
Почетоците на металургијата следен предизвик
Основните ресурси за исхрана сами ги произведувале, односно луѓето во тој период се занимавале со земјоделство и сточарство, но иден предизвик на археолозите е да истражат од кога почнала металургијата.
– Во иднина планираме акцент да ставиме и на истражувања кога почнала металургијата. Планираме тоа да го правиме мултидисциплинарно, со помош на напредни истражувања. Со помош на полен анализи ќе откриеме кога почнало да има загадувања во минатото и врз основа на тоа загадување тогаш специјалистите утврдуваат дека токму во тој период почнала металургијата, топењето на рудата и слично – информира Арџанлиев.
Со тоа, нагласува, сакаат да дадат одговор за појавата на елитата во Охридскиот регион, што покажуваат и откритијата од Архајскиот период (6 век пр.н.е.) во гробовите во Требеништа и на Горна порта.
– За да има елита и такво богатство мора да има повеќе ресурси, спомнав земјоделство, сточарство и металургија, но покрај тие ресурси овие луѓе ги контролирале и главните комуникациски и трговски рути. А регионот во тој период претставува своевидна крстосница во овој дел од Балканскиот полуостров, нешто што може да се забележи од поголемиот број некрополи од Архајскиот период, кои се откриени во рамницата северно од Охридското Езеро, во кои се откриени доста богати и значајни наоди. Тоа денеска е Охридско-струшкиот регион, крајбрежје на тогашното поголемо езеро, што геолошки го потврдивме дека постоело – рече Арџанлиев.
Катаклизмичен настан причина за повлекувањето на езерото
Со една геолошка сонда во близина на реката Грашница откриле ново палафитно, наколно живеалиште и со тоа се потврдило дека имало некој катаклизмичен настан, како земјотрес, кој придонел таа населба да престане со егзистенција околу 12 век пред нашата ера, во доцното бронзено време.
– Најверојатно со тој катаклизмичен настан дошло до спуштање на тлото во северниот дел на охридската рамнина, а потоа езерото направило поплавување, со што ја променило и формата. Тие се првични резултати, кои дополнително ќе ги надградуваме и публикуваме – информира раководителот на проектот.
Идните планови се истражувањата да продолжат во Преспанскиот регион
Од проектот произлегле нови прашања на кои археолозите треба да одговорат. Идејата е да продолжат истражувањата и во Преспанскиот регион, бидејќи е најмалку истражен.
– Истражувам една некропола во Преспа од Хелинистички период, локалитет „Гибавица“ кај селото Избишта. И за Хелинистичкиот период имаме некои првични сознанија. Но како за охридскиот регион што кажав дека е тесно поврзан со водостојот на езерото така сметаме дека истото треба да го очекуваме и во Преспа, бидејќи двете езера се како врзани садови и гледаме дека се во корелација. Планираме да продолжиме со геолошките истражувања и да пробаме на некои локалитети да извршиме сондажни истражувања за да имаме две референтни слики на двете котлини да видиме дали стварно се во корелација и дали имало поврзаност во минатото – додава Арџанлиев.
Проектот, нагласи, користи напредна технологија што ја има на располагање арехеолошката наука, која за жал во земјава малку е вклучена.
Слаѓана Стојкова Костоски