Стари долгови ја влечат Железница транспорт во амбис
Од компанијата велат дека неликвидноста со која се соочуваат секоја година е резултат на повеќе фактори и неможност да се измират обврските кои се настанати и кумулирани по разни основи.
Наследените стари долгови кон странските железници, како и актуелното работење со загуба и годинава ќе бидат главен пробелм за државната компанија Железница транспорт, која е еден од најголемите државни загубари. Решение на проблемот Владата гледа во јавно-приватно партнерство или план за реорганизација. Најавена е изработка на физибилити студија која ќе покаже кој модел е подобар. Сепак, компанијата и натаму го продлабочува долгот бидејќи не е во состојба да ги подмирува ни спогодбено договорените рати за старите долгови кон некои странски железници.
Железница транспорт и за годинава планира загуба која, според Бизнис планот на компанијата ќе изнесува близу 7,6 милиони евра, односно 469.582.000 денари. Загубата во работењето не може да се покрие ниту со редовните 400 милиони денари (4, 6 милиони евра) кои државата секоја година преку Министерството за транспорт и врски ги издвојува за субвенционирање на патничкиот сообраќај, за кој, пак, се потребни 817 милиони денари (13,3 милиони евра). Затоа, во тој сегмент се очекува загуба од 378 милиони денари, а загуба од 92,2 милиони денари се очекува и во товарниот сообраќај.
„Железница транспорт годинава планира зголемување на превозот во товарниот сообраќај, како и во патничкиот сообраќај. И покрај планираното зголемување, приходите нема да бидат доволни да ги покријат трошоците за извршување на сообраќајот. Затоа Друштвото за 2021 година проектира работење со загуба и покрај тоа што Владата, согласно зацртаните проекции, ги покрива делумно трошоците во патничкиот сообраќај и со тоа го растеретува товарниот сообраќај од покривање на загубите во патничкиот сообраќај. Со тоа делумно би се подобрила можноста за инвестиции и одржување на капацитетите во насока на подобрување на квалитетот на товарниот сообраќај“, се наведува во Бизнис планот.
Од компанијата велат дека неликвидноста со која се соочуваат секоја година е резултат на повеќе фактори и неможност да се измират обврските кои се настанати и кумулирани по разни основи. За дел од побарувањата има склучени спогодби за одложено плаќање на обврските, но и за овие обврски не се почитуваат роковите.
Транспорт не е во состојба редовно да ги сервисира долговите кон странските железници, но и кон компаниите од кои се снабдува со енергенси.
Обврските кон странските железници и компании добавувачи лани во ноември на Железница транспорт изнесувале 57,9 милиони евра за подмирување на долговите. Само стариот долг кон странските железници изнесува повеќе од 19,3 милиони евра, во кој влегува долгот кон Бугарската железница од 3,6 милиони евра и на Хрватската железница кој е повеќе од 4,5 милиони евра. Но Транспорт има долг и кон Министерството за финансии за рати за кредити кон странство од минатата година во износ од над 20 милиони евра, како и кон енергетски и транспортни компании. Околу 10 милиони евра за долг кон странски железници во периодот од 1995 до 2020 година, потоа кон странски железници по договор треба да плати 972 илјади евра и кон приватни железници на кои им дожи 441 илјада евра. Друштвото има долг и кон државните компании ЕЛЕМ, МЕПСО, Железница Инфраструктура, како и кон „Пуцко петрол“ и бугарската транспортна компанија ЕФГ и други коминтенти.
Дополнителен проблем за компанијата е тоа што драстично е зголемен долгот кон Хрватските железници кои во меѓувреме се трансформираа, а една од компаниите има дополнителни побарувања со пресметана камата кон Железници транспорт.
„На 01.07.2006 година, Хрватски железници се трансформираат во две претпријатија – Хрватски Карго и Хрватски железници патнички. Бидејќи Хрватски железници Карго, делот кој му припаднал по поделбата на железницата, го продал на CIOS Zagreb, од страна на нивниот полномошник доставено е до ЖРСМ Транспорт барање за наплата на долгот кој со пресметана камата изнесува 18,6 милиони евра кое континуирано се зголемува. Ова барање е предмет на разгледување и за истото се преговара да се најде начин да се реши без загрозување на и онака влошената финансиска состојба. Само главниот долг кон Хрватски железници Карго на износ од 3,8 милиони евра, претставува преголемо оптоварување и ЖРСМ Транспорт не е во можност самостојно да го плаќа истиот“, се наведува во Бизнис планот.
Оттаму наведуваат и дека за овој проблем се информирани сите надлежни институции и Владата.
Старите долгови на Железница транспорт датираат од 1991 година, а се наследени при поделба на Македонска железница во 2007 година.
„Обврските кон странските железници постојано се зголемуваат и бидејќи плаќања воопшто не вршиме, постојано добиваме опомени кои во секој момент би се актуелизирале и би нѐ довело во опасност од тужење и присилни наплати. Опасноста од присилна наплата постои и од страна на добавувачите во земјата и странство, бидејќи ЖРСМ Транспорт не е во можност навремено да ги плаќа и истите постојано се акумулираат“, се наведува во Бизнис планот на Железница транспорт.
Владата планира да го реши проблемот на овој загубар заедно со другите државни компании загубари. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави физибилити студија која ќе покаже дали ќе има можност за јавно-приватно партнерство, или пак ќе треба да се реорганизира Железница транспорт.
– Нашите анализи покажаа дека преструктуирањето на некои од претпријатијата е неминовен процес кој што ќе се одвива во наредниот период, впрочем истите се во корелација со податоците од оваа анализа. Веќе знаете дека Владата има почнато процес на избор на компании за физибилити студија за Македонски пошти и ТЕЦ Неготино и истиот процес ќе следи и за Железници на Северна Македонија Транспорт, ТЕЦ Осломеј или дел од енергетските капацитети кои функционираат во рамките на АД Електрани на Северна Македонија – рече неодамна Битиќи.