СТАРА, НОВА И ПАГАНСКА ГОДИНА Што празнуваме на денешниот ден?
Новата година каква што ја знаеме, е производ на пагански традиции од римско време. Според тогашниот Јулијански календар за почеток на Новата година бил сметан 1 ден од месец јануари. Римјаните на овој ден го славеле богот Јанус (според кој е добиено и името на месецот јануари) и главниот ден Saturnalia.
Нова година! Што, всушност, празнуваме ноќта на 31 декември спроти 1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова година? Тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие.
Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената „Василица“, 1 јануари, Нова година по Јулијанскиот календар, чиешто предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како „Стара Нова година“, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Новата година.
Нова година на 1 септември?
Малку е познато дека Византиската Нова година почнувала на 1 септември. Тоа е времето кога паѓаат лисјата на дрвјата и сè се менува. Но, од каде дошла оваа традиција во православието?
Уште во древноста, месецот септември кај Евреите бил почеток на новата граѓанска година (II Мој. 23, 16). Тоа бил месец на собирање плодови и принесување жртви на благодарност кон Бога. За време на ова празнување Господ Исус влегол во синагогата во Назарет, ја отворил книгата на пророкот Исаија и ги прочитал зборовите: „Духот на Господа Бога e врз Мене зашто Господ Ме помаза за да им благовестувам на бедните, Ме испрати да лекувам сокрушени по срце, да им проповедам на заробените и на затворениците – отворање на темницата, да ја проповедам благопријатната Господова година и денот за одмазда на нашиот Бог; да ги утешам сите оние што тагуваат“ (Иса. 61, 1-2).
Подоцна, Првиот Вселенски собор определил и црковната година да почнува на 1 септември.
Богот Јанус и римските сатурналии
Новата година каква што ја знаеме, е производ на пагански традиции од римско време. Според тогашниот Јулијански календар за почеток на Новата година бил сметан 1 ден од месец јануари. Римјаните на овој ден го славеле богот Јанус (според кој е добиено и името на месецот јануари) и главниот ден Saturnalia.
Овој ден паганите го поминувале со особена свеченост и веселие. Пријателите едни на други си испраќале подароци, кои ги нарекувале Strenae, а во чест на богот Strena или Strenie, приредувале гозби, ноќите ги поминувале во песни, игри и театарски претстави. Ваквите забави траеле повеќе денови.
Петар Велики и паганите од Холандија
Со ослободувањето на христијанството и воспоставувањето на неговите традиции, биле забранети сите учества на овие пагански собири. Во VII век, со доаѓањето на паганите од Фландрија и Холандија, повторно се направиле обиди да се воспостави традицијата на ваков начин да се прославува Новата година на 1 јануари. Но повторно за кратко време била потисната, за во 1582 година, кога бил воведен Грегоријанскиот календар, Западот конечно да донесе одлука почетокот на Новата година да го одбележува на 1 јануари.
На Истокот, пак, ситуацијата била поинаква. Во Русија, сè до времето на владеење на царот Петар Велики, и црковниот и граѓанскиот календар започнувале на 1 септември. Поведен од својот интерес за западниот начин на живот, Петар тргнал на пат за Европа со намера што е можно подобро да се запознае со обичаите на западните земји, а со цел да ги примени во својата, според него, „заостаната“ земја.
Така, Петар прифатил Новата година да се слави на 1 јануари. Нова година бил световен празник и на славење се пристапувало после Рождеството Христово, кое до револуцијата од 1917 година се паѓало на 25 декември. По револуцијата Ленин го прифатил Грегоријанскиот календар, па Русите го слават Божиќ седум дена по Новата година.

Источниот и Западниот календар
Кога сме кај календарите, добро е да појасниме дека денес постојат два: еден древен, таканаречениот Јулијански календар, кој бил изработен во 46 г. пред Христа од страна на александрискиот астроном Созиген, а на иницијатива на римскиот владетел Гај Јулиј Цезар, според кого и го добил името.
Но, Јулијанскиот календар не е сосема точен: тој се разликува за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева (тропска) година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак, во 1700 година изнесувала цели 10 дена. Денес таа изнесува 13 дена.
Затоа, подоцна Јулијанскиот бил заменет со Грегоријанскиот календар и тоа го прифатиле повеќето западни земји. Некои од православните земји направиле компромис: Божиќ го слават по западната, а Велигден по источната традиција.
Грегоријанскиот календар бил изработен по указ на папата Григориј кон крајот на XVI век. Тогаш, меѓу другото, било утврдено секоја година пролетната рамноденица да биде фиксирана на 21 март.