СТАПУВА НА СИЛА ЗАКОН ШТО ЌЕ МЕНУВА СÈ Сајбер професионалците ќе земаат 40% повеќе, а институциите ќе мора да се сменат до 2027
Министерот Андоновски го посочи Законот за електронски комуникации како клучна регулатива која целосно ги усогласува нашите политики со два важни европски документи – код директивата и гигабит регулативата.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, е еден од клучните говорници на 11-тата конференција за е-управување, која се одржува во Талин, Естонија – глобален центар за дигитална револуција.
Во синоќешната емисија „Тема на денот“ на Сител ТВ, Андоновски зборуваше не само за својата улога на конференцијата, туку и за новите, стратешки важни закони што беа усвоени на последната владина седница.
– Изминатиов период мислам дека ни се случуваат многу сериозни историски моменти во поглед на дигитализацијата – изјави Андоновски.
Тој го посочи Законот за електронски комуникации како клучна регулатива која целосно ги усогласува нашите политики со два важни европски документи – код директивата и гигабит регулативата.
– Овој закон ќе ја отвори вратата за нови инвестиции во технолошкиот сектор. Покрај тоа, го почитувавме и мислењето на Уставниот суд, со што се зацврстува правната рамка – потенцираше министерот.
Андоновски се осврна и на Законот за безбедност на мрежи и информациски системи, кој за првпат го воведува поимот сајбер безбедност во македонското законодавство.
– Ова е првпат државата да има закон за сајбер безбедност, иако требаше одамна да го имаме. Се усогласуваме со НИС 2 директивата, и тоа нè става на линија со најновите стандарди на Европската Унија – истакна тој.
Според новите одредби, до 2027 година сите институции ќе треба да се усогласат со прописите за дигитална и сајбер безбедност, а во Министерството веќе е формиран Сектор за сајбер безбедност кој ќе биде точка за пријавување на инциденти на владино ниво.
Особено внимание привлече мерката за стимулирање на кадарот.
– Во законот за првпат се препознаваат сајбер професионалци. За нив е предвиден додаток на плата од 40%. Целта е да ги задржиме во јавната администрација – не можеме да зборуваме за дигитализација без сајбер безбедност – изјави Андоновски.