Стапка од 𝟳% годишно економски раст – реалност или илузија?
Една посветена идна влада, со поддршка на ЕУ и со внатрешни реформи за зајакнување на домашните институции, со владеење на правото, си инвестиции во образованието и слично, може со сигурност да обезбеди во континуитет повисок економски раст во кој БДП не би се дуплирал за десет години, но за деценија и половина - сигурно!
За време на својата вчерашна посета на Република Македонија, претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула Фон дер Лајен, нè охрабри дека земјава би можела да ја удвои вредноста на економијата (од сегашниве околу 14-15 милијарди евра БДП според тековните цени, на околу 30 милијарди евра) за една деценија. Тоа значи просечна годишна стапка на раст на БДП од фантастични 7%, нешто за што може само да сонуваме.
Ова “лесно дадено ветување” се темели на т.н. План за раст на земјите од Западен Балкан. Разбирливо, амбициозен план со вака високо поставена цел, не може да се елаборира на една вообичаена прес-конференција, со првенствена намена за лобирање и притисок за усвојување на уставните измени од страна на Собранието на Република Македонија. Верувам дека експертите од Европската комисија, кои застанале зад овој План, знаеле што предлагаат, а на европските бирократи добро им објасниле, за овие да разберат што зборуваат и што им ветуваат на земјите од Западен Балкан.
Економскиот раст е долгорочен процес. Негови извори се инвестициите, населението како извор на работна сила и техничко-технолошкиот прогрес. Дополнителни фактори се инвестициите во образованието и во вештините (човечки капитал), здравствената заштита, јавната инфраструктура, општествената инфраструктура (култура, владеење на правото, довербата во општеството) и сл.
Убеден сум дека Македонија, дури и да сака, не може да има којзнае каков бенефит во смисла на ветената висока стапка на раст од Планот за раст предложен за регионот Западен Балкан од страна на ЕК. Земји со стапка на раст на БДП од над 5%, одржувана во период од околу една деценија, го носат епитетот “стопански чуда”. Поради сите кризи низ кои помина земјава во изминатите три децении по осамостојувањето, таа можност е пропуштена. Сегашниот капацитет на економски и на општествен план не може да апсорбира екстерна финансиска поддршка, колку и да е таа издашна, за да се обезбеди економски раст од 7% просечно годишно во траење од една деценија.
Накусо, Планот на ЕК нуди пристап на нашите компании до “клучни делови на единствениот европски пазар”. И во моментов, македонските компании кои имаат производ или услуга со квалитет според стандардите на европскиот пазар, имаат обезбеден пласман без посебни проблеми. Вистинската поддршка би била во насока на искористување на средства од Планот за раст за модернизација на цели извозно ориентирани сектори од нашата економија и нивно оспособување за натпревар на заедничкиот пазар. А тоа е долгорочен процес, што може да се оствари единствено со многу труд и висока посветеност на голем број чинители од бизнисот и од политиката, во отсуство на корупција. Плодовите сугурно ќе дојдат, можеби не во наредните 5-6 години, но ќе дојдат.
Истото се однесува и на вториот столб што го спомна претседателката на ЕК, отворањето на регионалниот пазар. Се разбира, ова би било чекор во вистинска насока, но само за тие што ќе имаат што да понудат на тој пазар!
Инвестиции од земјите од ЕУ, како извор за повисок раст во земјава, се пожелни, но со оглед на недостигот од квалификувана работна сила, апсорбциониот капацитет е единствено присутен само за инвестиции од областа на високите технологии. За ова нема гаранција, ниту може да ја даде кој било член на Европската комисија. Тоа може да биде одлука на приватни компании од земјите членки на ЕУ.
Следи заклучокот дека не треба да имаме илузии дека најавениот План за раст од страна на ЕК ќе овозможи дуплирање на нивото на БДП во Република Македонија за само една деценија. Камо тоа да беше толку лесно! Но, една посветена идна влада, со поддршка на ЕУ и со внатрешни реформи за зајакнување на домашните институции, со владеењеож на правото, си инвестиции во образованието и слично, може со сигурност да обезбеди во континуитет повисок економски раст во кој БДП не би се дуплирал за десет години, но за деценија и половина – сигурно!