Станишев: Софија мора да стави до знаење дека Заев искрено сака да бидат надминати недоразбирањата
Лидерот на европските социјалисти го повика Румен Радев да го искористи тоа на изборите.
Лидерот на Партијата на европските социјалисти и поранешен премиер на Бугарија, Сергеј Станишев во изјава за софиското радио Nova News рече дека ако имало проблем со Северна Македонија, Бугарија требала да реагира, а не да чека две години до последниот момент, јави дописникот на МИА од Софија.
– Потребни се две земји за подобрување на односите – рече Станишев.
Според него, премиерот Зоран Заев имал волја да отвори нова страница во билатералните односи со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и за тоа имал политички напади.
– Две години бугарската Влада не кажа ништо во врска со кршењето на Договорот за добрососедство и пријателство од страна на нашиот сосед. Никола Груевски 10 години го избегнувал потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство. Бугарија не е разбрана. Софија треба јасно да стави до знаење дека сегашната Влада на нашиот југозападен сосед искрено сака да бидат надминати недоразбирањата и да отвори нова страница, но Бугарија не го прави тоа умешно – рече Станишев.
Тој посочи дека бугарскиот претседател Румен Радев изразува желба за промена и Бугарската социјалистичка партија треба да го искористи ова.
– Партијата мора да ги поддржи Румен Радев и Илијана Јотова за претседателските избори, категоричен беше лидерот на Партијата на европските социјалисти.
Тој смета дека пристапот на ЕУ кон вакцините бил искрен, а заедничкото договарање е правилно како потег.
– Санкциите не доведоа до ништо добро кон Русија, нема резултати, јас отсекогаш сум бил приврзаник на дијалог, а не на санкции – рече Станишев за случајот со Алексеј Навални и можноста за нови санкции.
Според него, има потреба за дијалог меѓу Русија и САД.
– Претседателот Бајден рече дека Соединетите држави сакаат да излезат од самоизолација – додаде Станишев.